Санчез го прифати мандатот за составување на шпанската влада

Шпанскиот премиер Педро Санчез, чија Социјалистичка работничка партија (PSOE) освои најмногу гласови на изборите во ноември, но недоволно за самостојно формирање влада, ги прифати мандатот за составување на новиот министерски кабинет кој му го врачи кралот Фелипе Шести.

Со тоа Санчез се обврзува да формира коалициска влада, па најверојатно во јануари ќе излезе со предлог за составот на владата пред парламентот, каде што ќе се гласа за неа.

Шпанскиот крал Фелипе Шести во средата ги заврши дводневните разговори со лидерите на парламентарните партии за да процени дали е возможно да се состави влада. Мандатот му го даде на Педро Санчез, бидејќи освои најмногу гласови на изборите и бидејќи искажал уверување дека може да состави коалициска влада.

Поединости од досегашните преговори со потенцијалните партнери, Санчез не објави порачувајќи дека е потребна дискреција за тие успешно да бидат завршени. Следната седмица тој ќе започне нова серија состаноци со партиските челници, имајќи предвид дека досега успеа да договори коалициска влада единствено со левата Заедно можеме (Unidas Podemos) што не му е доволно за формирање на владата.

„Шпанија нема време за губење. Нашиот предлог е идната влада да биде јасно прогресивна, засилена со договорот кој го постигнавме со Unidas Podemos. Таа ќе почива на дијалог“, изјави 47-годишниот економист по образование Санчез во кусото обраќање пред новинарите.

Преговорите со другите партии може да потраат со седмици пред во парламентот да биде одржано гласањето за владата на Санчез. Неговата PSOE на предвремените парламентарни избори во ноември доби 120 пратеници во парламентот со 350 мандати, и во кој за формирње влада се потребни 176 гласови. Предвремените избори беа одржани откако PSOE по сличната победа не успеа да формира влада.

Од PSOE во моментов преговараат со Каталонската републиканска левица (ERC) најголемата партија за независност за на Каталонија, која има 13 пратеници, а од која се надева на поддршка за формирање голема лева коалиција. Од малите регионални партии би можело да зависи формирањето на владата.

Во понеделник PSOE ќе разговараат и со конзервативната Народна партија (Partido Popular – PP), најголемата опозициска партија. Се очекува дека Санчез ќе побара конзервативците да се воздржат од гласањето за да може да се формира шпанската влада.

Доколку не успеат преговорите за формирање на владата, Шпанците следната година би морале да излезат на петтите парламентарни избори во последните пет години. Социјалистите и конзервативците се менуваат на власт последните четири децении, но од 2015 година поради високата невработеност и корупциските скандали, на политичката сцена се појавија три нови партии кои го нарушија традиционалниот двопартизам. Од тогаш Шпанија не успева да добие стабилна мнозинска влада. Доколку успее намерата на Санчез, ова ќе биде првата коалициска влада од воведувањето на демократијата во 1978 година.