Санчез: Шпанија ќе ја признае Палестина само во заедничка акција со други земји

CREATOR: gd-jpeg v1.0 (using IJG JPEG v62), quality = 82

Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска изјави дека Мадрид ќе ја признае палестинската држава само како дел од заедничката акција со другите земји.

Во интервју за ТВ станицата „Ла Секста“, Санчез ги негираше и информациите дека Мадрид ќе ја признае Палестина на 21 мај, пренесуваат британските медиуми.

Тој претходно изјави дека очекува Мадрид да ја признае Палестина до јули и верува дека наскоро ќе има „критична маса“ во ЕУ што ќе принуди неколку членки да заземат ист став.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел на крајот на април изјави дека неколку земји од Европската унија имаат намера да ја признаат Палестина како независна држава до крајот на мај.

Во март, Шпанија, Ирска, Малта и Словенија најавија дека ќе работат заедно за признавање на палестинската држава. Меѓу членките на ЕУ, независноста на Палестина ја признаваат и Бугарија, Унгарија, Кипар, Малта, Полска, Романија, Словачка, Чешка и Шведска.

Во моментов, Палестина е призната како независна држава од 140 од 193 земји-членки на Обединетите нации.