![Pedro Sancez parlament](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/Pedro-Sancez-parlament.jpg?resize=696%2C463&ssl=1)
Шпанскиот социјалистички премиер Педро Санчез изјави дека ќе работи во следните четири години за да ја признае Палестина како независна и суверена држава доколку во четврток добие нов мандат како лидер на Шпанија.
Неговата Шпанска социјалистичка работничка партија (PSOE) зависи од поддршката на нејзиниот помал коалициски партнер Сумар (Соедини – Sumar), кој бара од премиерот да ги прекине дипломатските односи со Израел, да ја забрани продажбата на оружје на таа земја од Блискиот исток и да воведе економски санкции.
„Новата влада ќе работи за признавање на палестинската држава. Мојата прва обврска за време на овој мандат ќе биде меѓународната заедница да ѝ додели државност на Палестина, бидејќи тоа е праведно барање на палестинскиот народ“, рече Санчез во средата во текот на говорот во шпанскиот парламент.
Додаде дека признавањето на Палестина е единственото решение за долгогодишниот израелско-палестински конфликт, со цел да се исполни претходната иницијатива на Обединетите нации за формирање на две држави – Израел и Палестина.
Ова предложено решение е на масата со години, но повеќето земји го признаваат само Израел, но не и Палестина. На крајот на 2015 година, за време на тогашната изборна кампања, Санчез вети дека ќе ја признае Палестина, но не го стори тоа. Сегашната израелска влада не сака признавање на Палестина и ја продолжува воената операција во Појасот Газа.
„Со истата решеност дека Шпанија ѝ помага на нападната Украина против земјата агресор Русија на (претседателот Владимир) Путин, за кршење на меѓународното право, бараме од Израел итен прекин на огнот во Газа и строго почитување на меѓународното хуманитарно право, кое очигледно денеска не се почитува“, рече Санчез.
Примирјето е потребно за испорака на хуманитарна помош на опколената територија, каде што израелската армија уби повеќе од 11.000 цивили во изминатиот месец, од кои половината се деца, според палестинските власти.
„Ние се спротивставуваме на неселективното убивање на Палестинците во Газа и на Западниот брег“, рече шпанскиот премиер.
Жподоцна во четврток шпанскиот парламент, во кој Санчез го поддржуваат 179 од вкупно 350 пратеници, ќе гласа за неговата левичарска влада. Шпанија, која моментално претседава со Европската унија, на тој начин би требало да добие нова влада по изборите одржани во јули.
Неколку членови на сегашната левичарска влада на Санчез дојдоа во парламентот во средата со истакнати знаци на солидарност со Палестинците.
Министерот за социјални работи Јоне Белара и Енрике Сантијаго, претставник на левичарската група Сумар, учествуваа во дебатата носејќи палестински црно-бели шамии – „куфии“. Секој од 31 пратеник на Сумар носеше значка со лубеница, која е и симбол на отпорот на палестинскиот народ.
Ова овошје стана симбол во 1967 година кога Израел ги прогонуваше луѓето кои истакнуваа палестински знамиња во Појасот Газа и на Западниот бБрег, палестинските територии што ги окупираше во војната таа година. Сликата на лубеница беше искористена како начин да се искаже бунтот против забраната, бидејќи боите на овошјето се совпаѓаат со оние на палестинското знаме – зелена, црвена, црна и бела. За време на протестите, исто така, се носеше ова овошје.
Лубеницата, исто така, во моментов се користи како знак на солидарност со Палестина низ целиот свет, бидејќи во неколку земји се разговараше за можна забрана за истакнување на палестинското знаме. Во Обединетото Кралство, на пример, владата предложи забрана за протести, иако мерката на крајот не беше спроведена. Германија и Франција, исто така, ги ограничија протестите.
„Овој мандат ќе има за цел да стави крај на варварството“, соопштија преку социјалните мрежи од Сумар, малцинскиот партнер во новата шпанска влада.
„Бараме итен прекин на огнот, одржување меѓународна конференција за формирање на палестинска држава и доведување (израелскиот премиер Бенјамин) Нетанјаху пред Меѓународниот кривичен суд за геноцид“, изјави Сантијаго, член на Сумар.
Откако Санчез во парламентот изјави дека ќе се залага за признавање на Палестина, министерот за социјала изјави дека неговите зборови не се доволни.
„Потребно ни е многу повеќе од зборови за да го запреме планираниот геноцид што Израел го врши во Палестина. Прекинете ги дипломатските односи, престанете да купувате оружје, применувајте економски санкции. Растојанието помеѓу тие зборови и недејствувањето е болно“, напиша Белара преку социјалната мрежа Х.