Сандерленд доби 22-годишен сопственик

Поранешниот англиски премиерлигаш Сандерленд, кој сега настапува во Третата дивизија, го доби најмладиот сопственик во англискиот фудбал, 22-годишниот Кирил Луи-Дрејфус (Kyril Louis-Dreyfus).

Кирил е син на покојниот поранешен сопственик на францускиот фудбалски великан Олимпик Марсеј, францускиот бизнисмен Робер Луи-Дрејфус, а неговото преземање на Сандерленд од поранешниот сопственик Стјуард Доналд допрва треба да го одобри Здружението на англиските фудбалски клубови (EFL).

Клубот на својата веб-страница објави дека заокружувањето на зделката се очекува кон средината на јануари, со што еден од близнаците и наследник на династијата Луи-Дрејфус ќе стане најмладиот сопственик во клупската историја.

Кирил е еден од трите сина во бракот на Робер Луи-Дрејфус и Маргарита Богданова. Неговиот татко, покрај сопственик на Олимпик Марсеј кој во неговото време се врати на европската фудбалска сцена, беше и сопственик на големи удели во компаниите како „Adidads“ (Adidas Salomon) и „Saatchi & Saatchi“ каде беше и извршен директор, а почина од леукемија во 2009 година.

Сандерлен во моментов се наоѓа на 11-то место во Третата англиска лига со седум бодови помалку од водечкиот Портсмут, а во историјата дури шест пати бил првак на Англија, но последната титула ја освоил далечната 1936 година.