Санкциите за рускиот милијардер Роман Абрамович, кои му се воведени по нападот на Русија врз Украина, остануваат на сила, потврди денеска Судот на Европската унија.
ЕУ по рускиот напад врз Украина во февруари 2022 година воведе санкции за многу руски функционери и бизнисмени, вклучително и за Абрамович, и ги замрзна руските средства во вредност од стотици милијарди долари.
„Општиот суд ја отфрла жалбата на Абрамович така што ги потврдува рестриктивните мерки преземени против него“ – наведе највисокиот суд на ЕУ во својата одлука.
Поранешниот сопственик на фудбалскиот клуб Челзи од Лондон, кој освен руско има и израелско државјанство, стана еден од најмоќните бизнисмени во светот по распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година. „Форбс“ проценува дека неговиот имот е во вредност од 9,2 милијарди долари.