Сараќинo и Фалише две седмици без вода за пиење

Во тетовско Фалише почна да се копа бунар на 50 метри длабочина во земјата со цел да се најде извор со вода како решение на тоа што 14 дена во ова и во село Сараќино има прекин во водоснабдувањето. Јавното комунално претријатие „Тетово“ две недели не успева да го најде проблемот и дефектот кај постоечкиот 12 километри долгиот водоснабдителен систем од реонот на Калник и Палчиште, па е одлучено да се најде вода со т.н. бушотина.

„Во Фалише порано имало бушотина направено, на истата локација сега се прави соодветна бушотина, која ќе биде можност да се снабдат жителите на Фалише и Сараќино со вода за пиење во истиот цевковод. Со тој бунар ќе ги опслужуваме само Фалише и Сараќино. До 50 метри се копа за да се најде вода. Се копа за цевки со ист профил колку што има во вододовната мрежа. Еднаш ќе се направи бушење, ќе се стават пумпи и со фреквентен регулатор за одржување и регулирање притисок на вода како и нивелирање на водени удари, пресметано ќе ги опслужуваат двете села“, објаснува Љуљзим Шаќири, раководител на работната единица „Водовод“ при ЈКП Тетово.

Во комуналното претријатие нема одговор кога конечно ќе се реши прекинот во водоснабдувањето.

„Сѐ зависи од тоа каква е земјата, подземјето, малу е тешко, се наоѓа локацијатана некогашна притока на река се наидува на карпа, се додека не се избуши нема продолжување. Може да биде единствената. Никој не знае. Важно е што е најдено решение за проблемот, граѓаните да бидат трпеливи, после ова нема да има проблем, ќе има нормално водоснадување“, вели Шаќири.

Според него, нема да се остави ниту стариот водовод. Објаснува дека при секое пуштање на вода низ цевководот наместо 15-20 литри во секунда излегуваат од два до пет литри вода во секунда што укажува дека некаде и понатаму има затнување во цевките.

„Тоа е мало количество и затоа не се чувствува во селото. Мала количина која не дава никаква сигнали. Втората недела вака тече, но проблем имаме што работиме на туѓи имоти и тоа е тешко. Некаде треба да се копа, подземна инфраструктура, се прави штета, од една страна, од друга страна нема точна евиденција за трасата, измената е трасата при градба на автопатот,“ вели Шаќири.

ЈКП Тетово побарале од Центарот за управување со кризи и добиле цистерна со која велат дека засега се снабдуваат жителите со техничка вода.