Сара Ристовска и следната година ќе биде дел од ЦСКА Москва

Ракометната репрезентативка на Македонија, Сара Ристовска, која настапува за ЦСКА Москва, и во следната сезона ќе биде дел од московската екипа. Ристовска и покрај тешката ситуација во рускиот ракомет, ќе го одработи актуелниот договор со клубот од Москва.

Ракометарката пред извесен период го продолжи договорот со ЦСКА Москва, но нејзиното останување беше неизвесно бидејќи најголемиот број на интернационалки кои настапуваа во руските клубови заминаа, откако ЕХФ воведе санкции за клубовите од Русија и Белорусија.

Ристовска најверојатно во следната сезона ќе биде единствената интернационалка во редовите на ЦСКА Москва. Клубот на почетокот на месец март го напуштија Ана Грос и Катрин Хеиндал, додека по завршувањето на минатата сезона си замина и екс ракометарката на Вардар, Драгана Цвијиќ.