Министерот за економија Ваљон Сараќини денеска учествуваше на стручна дебата, во организација на Македонската енергетска асоцијација, на која се разгледуваше Предлог-енергетскиот биланс на Македонија за период од 2014 до 2018 година. Енергетскиот биланс е изработен врз основа на податоците за предвидените потреби за одделни видови на енергија и енергенти, како и на извршените анализи и усогласувања направени од Министерството за економија и Агенцијата за енергетика на Македонија.
Вкупните потреби од енергија во 2014 година, додаде министерот, ќе се обезбедат со 57,5 отсто од домашни извори и 42,5 отсто отстоод увоз.
Со енергетскиот биланс како индикативен плански документ за период од пет години, се определуваат вкупните потреби од енергија, потребите од одделните видови на енергија, како и можностите за нивното задоволување од домашно производство и од увоз.
„Согласно предложениот енергетски биланс финалната потрошувачка во 2013 година е пониска за 7,2 отсто во однос на 2012 година, и за 8,6 отсто во однос на планот за 2013 година, при што кај сите видови енергија и енергенти има намалување, освен кај природниот гас, каде се забележува зголемување на реализацијата во однос на планот за 2013 година и тоа за 3,4 отсто. Најголемо учество во финалната потрошувачка на енергија има електричната енергија околу 40 отсто, нафтените деривати околу 40 отсто и останатите 20 отсто се другите облици од енергија”, информираше Сараќини додавајќи дека потрошувачката на примарна енергија во 2013 година изнесува 115.931 ТЈ што е за 6,9 отсто пониска од реализиранита потрошувачка во 2012 година, при што во обезбедување на потребите од примарна енергија домашните извори учествуваат со 55,9 отсто, додека останатиот дел од 44,1 отсто се обезбедуваат од увоз.
„Во периодот од 2014 до 2018 година се очекува вкупните потреби од примарна енергија да растат во текот на целиот период со просечна стапка (во однос на 2013 година) од 2,6 отсто/год и тоа најголем пораст се очекува кај природниот гас и кај коксот, додека кај останатите облици на енергија просечниот пораст е помал од четири отсто/год “, рече Сараќини.