Сараево: Притвор за 18-годишник кој испраќал лажни закани за бомби во училиштата

Судот во Сараево во понеделникот му одреди едномесечен притвор на 18-годишник кој испратил лажни закани за поставени бомби до бројни училишта во главниот град на Босна и Херцеговина, откако уште тројца малолетници претходно беа ставени под надзор како дел од опсежната истрага на полицијата и обвинителството.

Жупаниското обвинителство во Сараево потврди дека судот го прифатил нивното објаснување дека осомничениот може да ги повтори кривичните дела за кои сега е под истрага доколку остане на слобода. Осумнаесетггодишникот во моментов е осомничен за загрозување на безбедноста и лажно пријавување, а досега е утврдено дека упатил најмалку седум закани поради кои наставниот процес во различни училишта бил прекинат.

Минатата седмица, со одлука на Општинскиот суд во Сараево, тројца малолетници коишто, исто така, лажно пријавиле подметнати бомби во училиштата беа испратени на еден месец во специјализиран дом во кој се сместени деца кои извршиле различни кривични дела. Еден од тројцата малолетници дури 49 пати испраќал закани до училиштата.

Изминатите семици сараевската полиција мораше да побара помош од Министерството за внатрешни работи на Федерацијата на Босна и Херцеговина и Агенцијата за разузнавање и безбедност (OSA) за да се спречи зголемениот број закани со бомби кон училиштата и да се идентификуваат лицата одговорни за нив.

Директорот на Полициската управа на сојузното Министерство за внатрешни работи, Вахидин Муњиќ, рече дека освен тоа што сторителите се претежно малолетни, посебен проблем е и квалификацијата на овие кривични дела бидејќи се третираат како закана за безбедноста во БиХ. Потсети дека во соседната Хрватска ваквите дела се третираат како тероризам, па предложи поостро да се третираат оние кои испраќаат закани со бомби и во БиХ.

Ваквите лажни пријави во БиХ во моментов се казнуваат со најмногу пет години затвор, а законот предвидува и затворски казни за малолетници кои ќе извршат такви кривични дела.