Министерот за економија Ваљон Сараќини денеска оствари средба со првите луѓе на Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија и Комората на Северозападна Македонија, Азески, Алексов и Кучи, со цел да се направи заедничко заокружување на достигнувањата во годината која изминува и да се претстават очекувањата и плановите за идната година на економски план за да се увидат потребите на бизнис секторот, од една страна, и плановите на Владата, од друга.
„Сакам да потенцирам дека мерките кои Владата ги презеде на почетокот од 2013 година за ублажување на последиците од кризата, условија во првото полугодие макроекономските остварувања да бидат над очекувањата, со квартални стапки на раст од 2,9 и 3,9 и 3,3 отсто, што е трет најдобар остварен бруто домашен производ во Европа, додека пак, за 2014 година почетните проекции упатуваат на пораст на БДП за 3,7 отсто според НБРМ, односно 3,2 отсто според ММФ“, истакна Сараќини, додавајќи дека главен носител на растот во идната година се очекува да бидат извозните активности и капиталните инвестиции, но исто така, и дека се очекува странските директни инвестиции да изнесуваат 330 милиони евра или 4 проценти од БДП. Почетните проекции упатуваат и на зголемување на извозот во текот на 2014 година за околу 10,4 отсто, а се очекува увозот да се зголеми за околу 9,1 отсто, што значи дека за 2014 година се очекува одредено намалување на трговскиот дефицит на земјата и зголемување на покриеноста на увозот со извоз на преку 65 отсто.
Имено, за 2014 година година капиталните инвестиции се планирани на износ од 360 милиони евра (за 20 отсто поголеми од тие во 2013 година), односно 525 милиони евра, ако се земат предвид и планираните инвестиции во Буџетот на ЈП за државни патишта, при што средствата ќе бидат насочени за финансирање изградба на патна и железничка инфраструктура, подобрување на енергетската и комуналната инфраструктура и за подобрување на условите во образовниот, социјалниот и здравствениот систем на земјата.
„Со стабилизирањето на светската економија очекуваме да се интензивира приливот на странски директни инвестиции, за кои се предвидува дека ќе бидат главни носители на растечките активности во градежништвото, индустријата, инфраструктурните проекти и во ТИРЗ и тоа во вредност од околу 300 милиони евра, кои веќе се во фаза на постепено ефектуирање или договарање за идно реализирање“, информира Сараќини.
Според него, доста значајно е тоа што, со постојаното подобрување на деловната клима, макроекономската стабилност, изедначувањето на домашните со странските инвеститори, свесноста за постепеното излегување од кризата и др., ќе ги охрабри и домашните инвеститори во преземање и реализирање сопствени инвестициски потфати со користење на нивните заштеди и разните поволни кредитни линии кои што им ги нуди Владата. Во 2014 година планирани се нови 100 милиони евра, со што ќе отпочне реализацијата на кредитната линија од ЕИБ – четврта фаза.
Претседателот на СКМ, Азески, истакна дека од една фаза на песимизам која важи за 2013 година, 2014 е година во која влегуваат со поголема доза на оптимизам.
„И во 2014 година ние ќе се залагаме за што поголемо подобрување на условите за инвестирање во Македонија. Ќе предложиме да се донесе закон за поттикнување на инвестициони вложувања, со што би се поттикнале домашните инвеститори да инвестираат и во услови на криза, бидејќи тие на некој начин се стожер на нашата економија, потоа Закон за гарантен фонд, но исто така, ќе ја оживееме идејата за иницијатива за купување на акции во солунското пристаниште“, изјави Азески по средбата.
Претседателот на комората на Северозападна Македонија, Мендерес Кучи, истакна дека на оваа продуктивна средба, која преставува сублимат на сите претходни средби што ги имаат реализирано со Министерството за економија, беше заокружена заедничката меѓусебна соработка, од која произлегоа и конкретни резултати.
„Се надеваме дека и понатаму ќе ја добиваме безрезервната подршка на ресорниот министер и за сите проекти и активности што ги планираме за 2014 година, посебно поддршката на приватниот бизнис сектор, кој е многу значаен за стопанството“, истакна Кучи.
Митко Алексов од ССКМ потенцираше дека во 2014 година чекуваат да продолжат позитивните движења од 2013 година, како и да има зголемено индустриско производство, зголемување на надворешната трговска размена и зголемување на изозот.
„Во делот на инфраструктурните проекти очекуваме не само искористување на средствата за патна инфраструктура, туки и реализација на енергетските проекти, проектите за мали хидреоцентрали и за енергетска ефикасност“, рече Алексов.