Кредитните линии во рамки на регионалната Програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан беа тема на денешната средба на министерот за економија Ваљон Сараќини со директорката на Канцеларијата на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Македонија, Анка Јоана Јонеску.
„Денеска сум во посета на ЕБОР, при што со директорката Јонеску разговаравме за регионалната Програма за енергетска ефикасност на Зпаден Балкан, чија вредност изнесува 75 милиони евра за поддршка на мали и средни претпријатија, за инвестирање во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија“, истакна министерот Сараќини, додавајќи дека главен приоритет на Министерството за економија е да ги поттикне компаниите да инвестираат во проекти за енергетска ефикасност, со што значително ќе се намалат трошоците на компаниите за енергија, ќе се зголемат заштедите, а ќе се придонесе за подобрување на нивната конкурентност, за поголемо инвестирање во нови производни капацитети, со што ќе се содаде можност за отварање на нови работни места и инвестирање во обновливи извори на енергија.
Регионалната Програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан се однесува на земјите Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Хрватска и Македонија.
„Со цел поголемо искористување на средствата од овие кредитни линии, во вредност од 75 милиони евра, Министерството за економија и Европската банка за обнова и развој, од февруари годинава во наредните три месеци, ќе започнат со директни средби, најпрвин со стопанските комори во Република Македонија, а потоа и со средби со стопанствениците од внатрешноста на државата. Преку директна комуникација претставници од Министерството за економија и ЕБОР ќе даваат техничка помош на компаниите при подготовка на апликација за кредит“, информираше Сараќини.
Исто така, во наредниот период ќе се организира средба со Заедницата на единиците на локалната самоуправат (ЗЕЛС), каде ќе биде презентирана оваа кредитна линија, при што ќе се отвори можност секоја општина, која ќе сака да спроведе проекти за енергетска ефикасност, да може да аплицира за истите.
Максималниот износ на кредитот изнесува 2 милиона евра за проекти од приватниот сектор, а 2,5 милиона за проекти од јавниот сектор, при што може да се финасираат сто проценти од инвестиционите трошоци. Притоа, многу значајно е и тоа што, доколку со верификацијата се потврди дека проектот е реализиран согласно бизнис планот, тогаш ЕБОР на компаниите – кредитоприматели им исплаќа грант во висина до 10 отсто од износот на кредитот, односно на општините 10 до 15 отсто од износот на инвестицијата.
Реализацијата на овие проекти ќе придонесе за зголемување на сигурноста во снабдувањето со електрична енергија, намалување на емисијата на стакленички гасови, како и зголемување на бројот на работни места.
Досега вкупно се финансирани 38 проекти во вредност од 12 милиони евра, од кои 18 се енергетско ефикасни проекти, 16 за обновливи извори на енергија и 4 се комбинирани проекти.
Директорката Јонеску, заблагодарувајќи се на министерот за покажаниот интерес за програмите за финансирање кои ги нуди ЕБОР, потенцираше дека со задоволство ќе работат во Република Македонија со сите комерцијални банки и сите субјекти во индустријата кои имаат проекти за финансирање од областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија, притоа охрабрувајќи ги да ја искористат техничката помош која доаѓа заедно со кредитирањето.