Сараќини: Со инвестицијата на „Мали Лошињ“ ќе заживее економијата во Дебар

Министерот за економија Ваљон Сараќини заедно со градоначалникот на општина Дебар, Ружди Љата, денеска ја посетија фабриката која во близина на селото Гари ја гради компанијата „Мали Лошињ” со седиште во Скопје. Целта на посетата е да се изврши увид на текот на реализацијата на хрватската инвестиција вредна шест милиони евра, за која се најавени 70 нови вработувања од страна на хрватскиот инвеститор.  

„Досега работата на терен се изведува според планираната динамика,  инвестирани се околу  1,5 милиони евра, а тоа вклучува подготвителни работи, ископи, приклучок на трафостаница како и поставување на темели на фабриката, а во моментот дневно работат 15 работници со потребната механизација”, изјави министерот Сараќини по посетата на фабриката.

Очекуваме, додаде Сараќини, во месец мај 2014 да се објави конкурс за вработување на 35, во септември за дополнителни 35 работници и тоа е факт кој многу  радува бидејќи многу млади луѓе од дебарскиот  регион ќе можат својата иднина да ја видат и планираат во општина Дебар.

„Изградбата на фабриката за амбалажирана вода е една од низата на проекти кој ги реализираме во дебарскиот регион, покрај проектите од областа на туризмот, енергетиката и инфраструктурата, со што придонесуваме за економски развој како на  локално, така и на ниво на државата“, истакна Сараќини, додавајќи дека значајно е тоа што целокупното производство од фабриката што ќе се изгради ќе се пласира на странски пазари, со што директно ќе се подобри извозот на земјава и ќе се намали трговскиот дефицит.

За градоначалникот на Дебар Ружди Љата инвестицијата е предвесник на економската преродба на поширкиот дебарски регион.

„Оваa фабрика за општината значи многу и влева надеж дека набрзо поволните услови што се нудат за инвестирање и прекрасната природа ќе привлечат уште многу странски инвеститори, а со тоа општината економски ќе заживее, ќе има работа за сите и ќе се запре миграцијата“, рече Љата.

„Вредноста на самата фабрика е околу 2,5 милиони евра, на површина од 3700 метри квадратни која ќе има производствен и магацински простор, како и управна зграда. Нашите предвидувања се дека до есен оваа година ќе заврши изградбата, кога и ќе започнеме со експлоатацијата на вода“, потенцираше инвеститорот Дражен Балиќ, додавајќи дека за почеток планот на производство на вода ќе биде околу 50 до 60 милиони литри годишно.