Сараќини: ТИРЗ Тетово и ТЕЦ Требош значаен инпут во економскиот развој на тетовскиот регион

Денеска министерот за економија Ваљон Сараќини заедно со заменик директорот на технолошки индустриски развојно зони (ТИРЗ) Асип Усеини и директорот на Стопанска комора на северозападна Македонија Арбен Халили, ги посетија гасната и централа на биогас во Требош и технолошко индустриската зона во Тетово, со цел да извршат надзор на реализацијата на градежните работи на споменатите објекти.

„Централата на биогас во Требош која во моментов е во градба, е инвестиција на компанијата „Везе Шари“ со вредност од шест милиони евра, за која до сега се ангажирани 100 работници и два милиони евра. Веќе во месец јуни очекуваме да започне произведството на електрична енергија од алтернативни извори , но и да се вработат 30 нови работници“, истакна министерот Сараќини.

Оваа централа на биогас ќе биде прв ваков проект не само во Македонија, туку и пошироко, со што Република Македонија на некој начин станува лидер во регионот за производство на електрична енергија од обновливи извори. Електричната енергија ќе се добива со искористување на биогас. Со неа од органските отпадоци од фармата ќе се овозможи производство на 1 мегават електрична енергија на час.

Сопственикот на компанијата „Везе Шари “, се заблагодари на поддршката што ја добива како од локалните институции, така и од институциите на државата .

Изградбата пак на инфраструктурата во Технолошко-развојната економска зона кај Тетово дава можност за отворање поголем број фабрики, што ќе значи и нови работни места за жителите од Тетово, Гостивар и регионот.

“Досега градежните активности се изведуваат според планираната динамика, за што се ангажирани 60 вработени. Првиот извоз го очекуваме веќе во септември. Сакам да потенцирам дека ова е еден од капиталните проекти на Владата на Република Македонија, со кој се создаваат услови за структурни промени на економијата во регионот, а секако и за нови работни места.Зоната се гради преку јавно приватно партнерство и за неколку години треба да се вложат 7 милиони евра, со што ТИРЗ Тетово ќе стане значаен инпут во економскиот развој на регионот“, истакна Сараќини.

Арбен Халили директорот на СКСЗМ истакна дека од она што може да го видат на теренот, е фактот дека зоната веќе почна да ги дава првите резултати, со очекувања за многу кратко време да се постават и првите камен темелници, а со тоа да почне и извозот на готовите производи.

Според заменик директорот на ТИРЗ Асип Усеини, веќе три компании имаат пројавено интерес за инвестиции во зоната но и тоа дека континуирано се работи на секојдневна комуникација со нови компании, кои би биле потенцијални инвеститори во зоната.