-Според овие информации, на листата на СДСМ во првата изборна единица ќе се најде директорката на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, во втората ќе се најде името на Павле Богоевски, во четвртата изборна единиција Марјан Забрчанец, во петата Симона Спировски, а во шестата единица Замир Мехмети, објави Канал 5.
Пировска во изјава за Канал 5 вели дека информациите дека таа ќе се најде на кандидатската листа на СДСМ се сосема неточни и тврди дека не водела никакви разговори со раководството на опозициската партија за ваков нејзин иден политички ангажман.
И претседателот на НСДП, Тито Петковски вели станува збор за шпекулации иако официјално се уште не почнале разговорите со СДСМ за коалицирање на претстојните избори. Петковски очекува од понеделник да ги почнат разговорите меѓу партнерите во коалицијата која што ќе ја предводи СДСМ.
Дел од медиумите објавија дека СДСМ почнала разговори и со Либералната партија и дека ним им биле понудени недобитни места на кандидатски листи. Претседателот на Либералите, Ивон Величковски за Канал 5 тврди дека такви разговори досега не се воделе. Величковски истакнува дека Либералната партија на изборите во декември ќе настапи самостојно.