Сатлер: БиХ постигна скромен напредок во владеењето на правото, со тоа не може во ЕУ

Босна и Херцеговина забележака само скромни подобрувања во однос на владеењето на правото, што е недоволно за амбициите на земјата да стане членка на Европската унија, предупреди во понеделникот шефот на делегацијата на ЕУ во таа земја, Јохан Сатлер, повикувајќи на преземање дополнителни напори за промена на оваа состојба.

За време на конференцијата за состојбата на судството во Босна и Херцеговина, одржана во Сараево, Сатлер рече дека досегашните напори дале „ограничени“ резултати, а постигнати се нешто повидливи ефекти во борбата против организираниот криминал, но ова е резултат и на зголемената меѓународна соработка.

Полицијата во Босна и Херцеговина отвори серија големи истраги и уапси лица поврзани со организирани криминални групи чии членови комуницирале користејќи заштитени апликации. Нивната содржина е откриена благодарение на соработката на полициите на западните земји откако ИТ експерти го „пробиле“ шифрирањето што со години им давало на криминалците чувство на сигурност, па биле собирани податоци за нивните контакти и злосторствата во кои биле вклучени.

Последен таков случај е апсењето на градоначалникот на сараевската општина Стари Град, Ибрахим Хаџибајриќ. Тој беше приведен во мај под сомнение дека ги „перел“ парите што криминалците ги заработувале продавајќи дрога инвестирајќи во недвижен имот.

„Во случаите на организиран криминал и корупција на високо ниво, постигнуваме напредок по долго време. Ова се главно резултати постигнати благодарение на дешифрирањето на апликацијата ‘Скај’“, рече Сатлер, додавајќи дека треба да се очекуваат нови истраги и апсења.

Сатлер ги повика актуелните власти во БиХ, формирани по изборите во 2022 година, од кои Европската унија очекува многу, да постапат порешително за спроведувањето на 14-те приоритетни задачи, кои Европската комисија ги дефинираше како предуслов за отворање на преговорите за членство.

Меѓу овие предуслови се измените на законот за Високиот судски и обвинителски совет и за спречување судир на интереси, чија цел е да се намали опсегот за корупција и да се зајакне интегритетот на судството, односно судиите и обвинителите