Саудиска Арабија двојно го зголеми увозот на нафта од Русија

Саудиска Арабија, најголемиот светски извозник на нафта, го удвои увозот на овој извор на енергија од Русија, бидејќи Москва во моментов ја продава својата нафта со значителни попусти.
Според податоците на компанијата за собирање и дистрибуција на финансиски информации, Рефинитив, на кои се повикува агенцијата Ројтерс, во вториот квартал од 2022 година во Саудиска Арабија пристигнале 647.000 тони нафта преку руски и естонски пристаништа. Тоа одговара на количина нешто поголема од 7.000 тони или 48.000 барели нафта дневно.

Во истиот период минатата година вкупното количество увезено нафта од Русија изнесуваше 320.000 тони, пренесува Дојче веле (ДВ).

Саудиска Арабија користи руска нафта за производство на електрична енергија и потоа може да произведува и извезува сопствена нафта.

Поради санкциите, пред се од Европската унија, Русија својата нафта на светскиот пазар ја продава со значителни попусти. Со оглед на војната на Русија против Украина, некои земји одбиваат да купат руска нафта. Од друга страна, големите економии како Кина и Индија, како и бројните земји во Африка и Блискиот Исток, го зголемија увозот на овој енергенс од Русија.

Американскиот претседател Џозеф Бајден попладнево пристигнува во Саудиска Арабија, последната станица од неговата блискоисточна турнеја. Се очекува тој да се обиде да го убеди Ријад да го зголеми извозот на нафта и со тоа да иницира пад на цените на „црното злато“ на светскиот пазар. Бајден е под огромен притисок во САД поради наглото поскапување на горивото, а само четири месеци пред важните конгресни избори, забележува ДВ. Германскиот медиум додава и дека Бајден ги отфрла обвинувањата дека со патувањето во Саудиска Арабија ја става поевтината нафта пред човековите права.