Саудиска Арабија еднострано ослободи затвореници во екот на мировните преговори во Јемен

Саудиските власти ослободија во понеделникот 104 затвореници, објави Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК – ICRC) и сунитската коалиција предводена од Саудиска Арабија, во едностран потег по истовремената размена на заробениците меѓу двете завојувани страни во Јемен.

Една од најсиромашните арапски земји Јемен во 2014 година влезе во граѓански конфликт меѓу шиитските бунтовниици Хути (Хусити) и нивните сојузници војската лојална на поранешниот сунитски претседател Али Абдал Салех, против сунитската влада која ја поддржува Ријад а ја обвинуваа дека не сака да се справи со јеменската мрежа на Ал Каеда кој се прошируваше на северот од земјата. Саудијците стравуваат дека Хутите кои ја контролираат престолнината Сана и неколку важни пристаништа, ќе му овозможат на Иран стратешки пристап на Арапскиот полуостров.

Конфликтот се разгоре откако во март 2015 година коалицијата на арапските сунитски земји предводена од Саудиска Арабија, на којашто ѝ се придружија Бахреин, Кувајт, Катар, Обединетите Арапски Емирати а поддршка добија од Египет, Јордан, Мароко, Пакистан и Судан, ја започна операцијата „Бура на решителноста“, против шиитските јеменски бунтовници.

Конфликтот доведе до најголемата хуманитарна криза во светот, во кој според порадоците на ОН над 24 милиони Јеменци, околу 80 отсто од населението, имаат итна потреба од хуманитарна помош, а бројот на внатрешно раселените лица надминува три милиона.

Воената коалиција предводена од Ријад во понеделникот објави дека дополнителното ослободување на заробениците претставува поддршка на дијалогот во продолжување на напорите да се стави крај на судирот во Јемен.

Саудиската делегација, која бара траен договор за прекин на огнот за да го запре своето воено учество во војната, ги заклучи минатиот четврток мировните преговори во Сани со Хутите чиј главен преговарач изјави дека има напредок во разговорите и дека ќе се одржи продолжување на преговорите за да се надминат и преостанатите несогласувања.

Челникот на Врховниот политички совет на Хутите, Махди ал-Машат, изјави во саботата дека новиот круг од преговорите ќе следат по Рамазанскиот бајрам кој почнува подоцна седмицава, извести јеменската медиумска мрежа SABA.

Тридневните активности меѓу шест градови во Јемен и во Саудиска Арабија кои ги надгледуваше Црвениот крст поради ослободување на речиси 900 заробеници заврши во неделата и тоа е важна мерка за градење доверба во екот на мировните преговори меѓу саудиските претставници и пратениците на Хутите. Завојуваните страни на преговорите во Швајцарија во март се договорија да ослободат 887 заробеници и повторно да се сретнат во мах за да разговараат за други ослободувања.

Судирот во Јемен, во кој загинаа десетици илјади луѓе а милиони се погодени од глад, се смета за прокси (посредничка) војна меѓу блискоисточните сили сунитската Саудиска Арабија и шиитски Иран. Последните месеци Ријад и Техеран ги засилија дипломатските преговори и во март со посредство на Кина ги обновија дипломатските врски прекинати во 2016 година, со што се зголемија надежите за напредокот на мировниот процес во Јемен.