Саудиска Арабија го отвори воздушниот простор, Бајден го поздрави „историскиот“ сигнал за Израел

Воздухопловните власти на Саудиска Арабија објавија во текот на ноќта кон петокот планови за отворање на својот воздушен простор за „сите воздухопловни превозници кои ги исполнуваат барањата за прелет“, во гест кој се смета за сигнал за нормализација на односите со Израел.

Американскиот претседател Џо Бајден, кој во моментов е на вториот ден од својата официјална посета на Израел од каде во петокот подоцна треба да одлета за Саудиска Арабија, ги пофалите потегот на официјален Ријад како „историска одлука“.

Државата Израел и арапската сунитска монархија Саудиска Арабија немаат воспоставено дипломатски односи, а блискоисточното кралство познато по практикувањето на ригидната вахабитска форма на исламот, не го признава постоењето на еврејската држава. Тоа е веројатно причината што во саудиската изјава Израел не се споменува директно.

Зад кулисите, меѓутоа, под покровителство на САД чии регионални сојузници се, двете земји извесно време работат над безбедносните прашања, во прв ред против влијанието на заедничкиот регионален непријател шиитски Иран.

Саудиска Арабија, всушност, од пред неколку години го дозволува користењето на својот воздушен простор за летовите меѓу Израел и Обединетите Арапски Емирати и Бехреин, откако двете нејзини сосетки воспоставија дипломатски односи со Израел во 2020 година со посредувањето на тогашниот американски претседател Доналд Трамп.

Во 2020 година, саудиската контрола на воздухопловниот сообраќај дури му дозволила на израелски авион на лет за Индија да мине низ саудискиот воздушен простор за да избегне лоши временски услови, се наведува во информацијата.

Најавата на политиката на отворено небо којашто доаѓа од Ријад значи и покуси летови од Азија во Израел, имајќи предвид дека воздухопловните компании кои летаат на тие рути повеќе нема да треба долго да ја заобиколуваат Саудиска Арабија на патот до Израел.

Белата куќа во четвртокот објави изјава на советникот за национална безбедност Џејк Саливан во која се наведува дека „претседателот Бајден ја поздравува и фали историската одлука на водството на Саудиска Арабија да го отвори саудискиот воздушен простор за сите цивилни превозници без дискриминација, одлука којашто вклучува летови кон и од Израел“.

Според Саливан, овој потег го отворил патот за „поинтегриран, постабилен и побезбеден Блиски исток“, кој е клучен „за безбедноста и благосостојбата на Израел“.

Во авторски текст за The Washington Post претходно седмицава, Бајден вели дека е среќен што ќе биде првиот американски претседател кој во петокот ќе долета директно од Израел во саудискиот град Џеда, нарекувајќи го тој лет „мал симбол на процутот на односите и чекорите кон нормализација меѓу Израел и арапскиот свет“.

Посетата на Бајден на Блискиот исток е првата негова во својство на претседател на САД. Неколку арапски држави воспоставија дипломатски односи со Израел во 2020-та во рамките на Абраамовиот договор со посредство на САД, но сепак, и покрај овој најнов чекор кон приближувањето, се смета дека е малку веројатно дека во тоа ќе им се придружи и Саудиска Арабија.