Саудискиот крал го покани Асад на самиот на Арапската лига и покрај противењето на САД

Саудискиот крал Салман бин Абдулазиз го покани сирискиот претседател Башар ал-Асад на самитот на Арапската лига кој на 19-ти мај ќе се одржи во оваа монархија во Персискиот залив, објавија во средата сириските медиуми.

Соединетите држави во понеделникот ја критикуваат одлуката од неделата на министрите за надворешни работи на арапските земји кои се договорија дека Сирија може да се врати во полноправното членство на Арапската лига, речиси дванаесет години откако беше суспендирана поради граѓанската војна меѓу владата на алавитот (шиитот) Асад и сунитските вооружени бунтовници поддржани од западните земји и регионалните сунитски монархии.

„Не мислам дека Сирија во овој момент заслужува повторно да биде членка на Арапската лига“, изјави за новинарите во понеделникот заменикот портпаролот на Стејт департментот, Ведант Пател.

Поканата за присуство на самитот за Асад се толкува како голем сигнал за завршувањето на регионалната изолација на Сирија, којашто е силно поддржувана од Иран и од Русија.

Во 2012 година, повеќето арапски држави ги повлекоа шефовите на дипломатските мисии од Сирија во знак на протест против политиката на претседателот ал-Асад, обвинувајќи го за насилно задушување на народни демонстрации. Во моментов, голем број арапски земји прават напори да ја вратат Сирија во Арапската лига, каде нејзиното членство беше суспендирано по масовните бунтови на почетокот на „арапската пролет“ во 2011 година.