Саудиските деманти ја кренаа цената на нафтата кон 89 долари

Цените на нафтата на меѓународните пазари во вторникот пораснаа кон нивото од 89 долари, откако Саудиска Арабија ги негираше медиумските извештаи дека водечките светски производители наводно разговараат за зголемување на снабдувањето.

На лондонскиот пазар цента на барелот во попладневното тргување беше повисока за 1,45 долари во однос на вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 88,90 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 1,16 долари повисока цена, од 81,20 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) денеска во одвоен извештај објави дека цената ба барелот од кошницата референтна нафта на нејзините членки во понеделникот паднала за 3,87 долари, на 84,18 долари.

Во фокусот на пазарите во вторникот беше изјавата на саудискиот министер за енергетика, принцот Абдулазис бин Салман, кој во понеделникот го негираше извештајот на весникот The Wall Street Journal дека OPEC наводно разгледува зголемување на производството на нафта, пренесе саудиската државна новинска агенција SPA.

Инаку, извештајот на WSJ предизвика пад на цените на нафтата за повеќе од 5 отсто, а за причините за ваквиот лажен извештај денеска има повеќе шпекулации.

„Пазарот денеска го поддржа саудискиот демант (на извештајот) за разговори меѓу OPEC и сојузниците за зголемување на снабдувањето со нафта“, вели за Reuters Наим Аслам, аналитичар во „Avatrade“.

И Обединетите Арапски Емирати негираа дека се водат некакви преговори за промена на договорот за намалување на производството, а Кувајт објави дека не се разговарало воопшто за зголемување на производството.

Нафтениот картел и неговите сојузници независни големи произведувачи на нафтата предводени од Русија познати како OPEC+ ќе се сретнат на 4-ти декември, ден пред стапувањето на сила на ембаргото на Европската унија на увозот на руската нафта и договорот на Г7 донесен по инсистирање на САД за ограничување на цента на руската нафта со изговор за инвазијата на Русија во Украина. Според тоа, Г7 би им забранила на логистичките и осигурителните компании да ја превезуваат руската нафта над утврден лимит за да ја ограничат добивката на Москва.

„Клучниот ризик за политиката на ограничување на цената е можниот руски одговор, кој во крајна линија би можел уште повеќе да ги поддржи цените“, појаснува во извештајот за коминтентите Стивен Ајнес од „SPI Asset Management“.

Позначителниот раст на цените го закочи загриженоста за светската побарувачка на нафтата, поради подигнувањето на каматните стапки во САД и строгите кинески политики за сузбивање на Covid-19.

Пекинг во вторникот ги затвори парковите, трговските центри и музеите, а повеќе кинески градови продолжија со масовните тестирања на граѓаните и гостите на Covid-19. Властите на кинеската престолнина предупредија во понеделникот дека се соочуваат со најтешкиот предизвик на пандемијата, заострувајќи ги прописите за влегување во градот што влијае и врз намалувањето на деловните активности.