Фудбалерите на Саутемптон се квалификуваа за полуфиналето на англискиот Лига куп (Карабао), откако го победија Манчестер Сити со 2:0 во четвртфиналното соочување во средата.
Беше тоа дуел меѓу „фенерџијата“ во Премиершип и актуелниот шампион, но на крајот домашните сосема заслужено победија со убедливите два гола разлика.
Манчестер Сити вечерва немаше ниту еден удар во противничкиот гол, што можеби најдобро опишува како играа „Граѓаните“.
Саутемптон поведе во 23 минута со голот на Секу Мара, а пет минути подоцна Муса Џенепо со прекрасен удар од околу 30 метри ја затресе противничката мрежа.
Пласман во полуфиналето избори и Нотингем Форест кој со подобро изведување на пенали го победи Вулверхемптон со 4:3. Во регуларниот дел натпреварот заврши 1:1.
Вили Боли погоди за Форест во 18 минута, а израмни Раул Хименез во 64. минута. Промашувањата на Невес и Хоџ го решија пенал-рулетот, додека само Сариџ промаши за домаќините.
Манчестер Јунајтед и Њукасл Јунајтед претходно обезбедија место полуфиналето на Лига купот.