Шчербак: Протерувањето на рускиот дипломат e серизоен непријателски гест

Протерувањето на дипломат, во дипломатијата се смета како сериозен непријателски чекор, но нашиот одговор ќе биде добро промислен од сите страни и адекватен, рече на прес-конференцијата во четвртокот рускиот амбасадор во Македонија, Олег Шчербак.

„Со големо жалење забележуваме дека некои држави, меѓу кои и властите на Македонија, презедоа чекори кои се непријателски за Русија, му веруваат на Лондон и на сметка на интересите на своите држави и на билатералните односи, донеле избрзана одлука за протерување на нашиот дипломат“, оцени Шчербак.

Посочи дела македонската страна сѐ уште на руската не ѝ доставила никакви докази за тврдењата дека рускиот дипломат вршел дејности надвор од својот дипломатски мандат.

„Ние длабоко жалиме за овој потег на Република Македонија што е без преседан во историјата на односите меѓу двете земји и го сметаме за сериозен непријателски чекор. Очигледно е дека се работи за извршување на политичка нарачка како дел од колективната акција на ЕУ и НАТО“, рече Шчербак.

Порача дека Русија соодветно ќе одговори на мерките преземени против нивните дипломатски претставници.

„Немаме традиција да брзаме во одлуките и во нашите чекори. Во дипломатската практик протерување дипломат претставува сериозен и непријателски чекор. И во свое време ќе вратиме со наш одговор, но овој одговор ќе биде адекватен, добро промислен од сите страни“, рече Шчербак.

Според него, британските власти, спротивно на сите норми на меѓународното право, етиката и здравиот разум, засега одбиваат да соработуваат со Русија.

„Промовираат кампања за оцрнување и демонизација на Русија. Се одвива намерно напумпување на конфронтацијата. Врз основа на уцена, брутален политички притисок, инспирирано е неосновано протерување на руските диломати, најавени се низа мерки и санкции“, рече амбасадорот.

Додаде дека Русија упорно го повикува Лондон за тесна соработка за да има детална истрага за трагедијата во кога со гас беа затруени двојниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка.  Според амбасадорот, однесувањето на британските власти поставува многу прашања.

„Жителите на Велика Британија ги држат во незнаење за клучните аспекти на тој случај. Не е позната вкупната бројка на настрадани, ниту, пак, местоположбата ниту здравствената состојба на повредените руски државјани, чии права се кршат на најбрутален начин“, рече.

Потенцираше дека Русија ги отфрла сите обвинувања за случајот „Скрипал“, труење на татко и ќерка руски државјани во британскиот град Солзбери.

„За жал, британските власти наспроти сите акти на меѓународото право ги одбиваат сите повици за истрага и поведуваат голема меѓународна кампања против нас и неосновано протеруваат руски дипломати од повеќе земји од светот и најавуват санкции“, додаде Шчербак.