Амбасадорката на САД беше во Врховниот суд на сите судии за да им даде поддршка дека тие мора доследно да го применуваат Уставот и законот и дека не смееме да отстапиме од тие вредности, вели Беса Адеми, во интервју за СДК.мк.
Врховниот суд е под страшен политички притисок како знае и умее да ја оживее амнестијата на Ѓорге Иванов врз непостоечки член, за да се спаси Никола Груевски кој со измените на Кривичниот законик, не е доослободен комплетно. Им треба на некои партии да дојде тука за предизборни математики, а ослободувањето може да се случи само со начелен став од Врховниот суд, од кого се бара да си го погази зборот и да порекне дека аболицијата на Иванов била незаконска.
За овие притисоци зборувавме со претседателката на Врховниот суд Беса Адеми, која лично смета дека нема простор за таква Општа седница за нов начелен став, зашто Судот еднаш веќе во „Транспортер“ се изјасни дека обвинетите, вклучително и поранешниот премиер, се аболирани по непостоечки член во законот. Не се случи различна пракса за да носи Врховниот суд нов начелен став, смета таа.
Ја споменува заканата за разрешување на врховните судии како најдежурна форма на притисок од политиката, но спомнува и креирање лажни вести.
За одолговлекувањето на постапките за обвинетите функционери – заштитени мечки, Адеми бара Судскиот совет да се позанимава со овие прашања и да открие кои се тие судии во пониските судови што ги чувале предметите во фиока.
„Потребно е да се дадат одговори“, смета Беса Адеми.
Претседателке Адеми, актуелни се притисоците од политички моќни лица врз Врховниот суд. Не е малку амбасадор на светска сила, на Америка, да дојде да ги сослуша врховните судии, што значи имате мака. Дали притисоците се на тема оживување на амнестијата на Иванов зашто со измените на Кривичниот законик не се доослободија сите? Кој треба да се амнестира? Груевски ли? Сигурно не се за некој поранешен шеф на кабинет од листата амнестирани.
Адеми: Иницијативата за донесување на начелно правно мислење и начелен став беше поднесена на 23 јуни 2023 година и се однесува на повеќе правни прашања, меѓу кои и за аболициите дадени од страна на експретседателот Ѓорге Иванов, кои го опфаќаат и поранешниот премиер. Политичкиот и правниот контекст на прашањето за аболициите во минатото добро ѝ е познат на јавноста. Но исто така, познато е и дека вмешувањето на политиката во судството во нашата држава е присутна појава и тоа е веќе нотирано како проблем кој ја нарушува неговата независност. Факт е дека не се почитува уставното начело на поделба на власта. Постојат ситуации на обиди за директно мешање на политиката и на другите власти, поради реализација на агенди кои не се во корелација на владеењето на правото и на надлежностите на судската власт. Но ние како Врховен суд и како највисок суд во државата не дозволуваме и не смееме да дозволиме преку таквите обиди да се наруши независноста на судството и со тоа да падне неговиот углед, односно угледот и авторитетот на Врховниот суд. Не смееме да дозволиме политичките интереси да се кршат на грбот на судството. Затоа сметам дека е битен личниот интегритет и судската култура што ја градел низ годините секој од нас како судија, важна е солидарноста меѓу судиите, бидејќи тоа испраќа порака и до оние што вршат притисоци, но и до јавноста дека судството ќе опстои на своите темелни вредности.
Зарем дојдовме до таму амбасадорката на САД Ангела Агелер да апелира да ве остават на мир? Па толку ли е дојден нож до грло од овие политички притисоци? Од каде точно доаѓаат?
Адеми: Американската амбасадорка и САД се пријатели на судството и нејзиното доаѓањето беше во таа насока. Помеѓу сите прашања што се разговараа беа вклучително и теми од јавен интерес. Амбасадорката имаше средба со мене, со заменик-претседателот и со сите судии на Врховниот суд да укаже и да даде поддршка дека врховните судии мора доследно да го применуваат Уставот и законот и дека не смееме да отстапиме од тие вредности. Овие вредности и принципи мора да се почитуваат и при утврдувањето на начелните ставови и правни мислења од страна на Општата седница, вклучително и за Иницијативата која предизвика интерес во јавноста.
Гарантирам дека овој состав на судии не им е вазал на ниту една од политичките партии, туку му служи на законот и на етичките начела.
Како изгледаат тие притисоци? Со уцени за разрешување ли?
Адеми: Политиката секогаш има потенцијал да користи влијанија на различни начини. Реално, секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и во овој правец да се користат дури и лажни вести. И затоа Судскиот совет треба да биде заштитник на судството.
Се затвори ли темата за амнестијата на Иванов со повлекување на иницијативата од адвокатот, оти Груевски напаѓа и од друга страна, преку барањето за преиспитување на пресудата за „Плацеви на Водно“, а се зборува дека ќе биде поднесена нова?
Адеми: Во петокот на 27 октомври доставен е поднесок во Врховниот суд дека адвокатот Миле Наумовски ја повлекува иницијативата. Истиот се достави до судија-известител. Постапката сега после доставувањето на поднесокот е судијата известител да изготви краток материјал дека Иницијативата е повлечена и тоа мора да помине преку Општата седница на Врховниот суд. Општата седница треба да донесе заклучок дека предметната иницијатива за донесување начелно правно мислење и начелен став се смета за повлечена. Имено, би сакала да појаснам дека иницијативите за утврдување на начелно правно мислење и начелен став се поднесуваат за воедначување на судската практика, што е не само законска, туку и уставна надлежност на Врховниот суд. Врховниот суд се впушта во разгледување на правните прашања содржани во Инцијативите само во случај ако постојат различни судски одлуки од страна на Врховниот суд или пониските судови. Колку што јас сум запознаена како претседател на Врховниот суд и колку што јавноста е информирана за пресудите од висок јавен интерес, во моментот за сите овие прашања коишто беа опфатени со повлечената иницијатива, меѓу кои и за аболицијата, немаме различна судска практика. Дадени се одговори, како од пониските судови, така и од Советот за казниви дела при Врховниот суд. Последната одлука за аболицијата е за предметот „Транспортер“, за која јавноста е веќе известена.
Оттаму, ќе си го погази ли Врховниот суд еднаш донесениот став во случајот „Транспортер“ дека амнестијата Иванов ја донел врз база на непостоечки член во законот? Ќе си го погази ли ставот само да им заврши работа на партиите околу предизборните калкулации со Никола Груевски?
Адеми: Како долгогодишен судија и како претседател, можам од мое име да кажам дека во оваа ситуација и со ваква поставеност на повлечената иницијатива, ние не би имале услови да расправа Општата седница. Јас сум сигурна дека судиите на Врховниот суд во било која ситуација и за вакви сензитивни прашања ќе ги имаат предвид Уставот, законот и меѓународно-ратификуваните договори. Всушност, гарантирам дека овој состав на судии не им е вазал на ниту една од политичките партии, туку му служи на законот и на етичките начела.Кога се носеа измените на Кривичниот законик, Врховниот суд беше прескокнат.
Претседателке, се случија измените на Крвивичниот законик преку ноќ, се спасија криминалците од високопрофилираните предмети за корупција, кои додуша и претходно беа полуспасени со развлекување на постапките и со задолжително враќање назад од Апелација на оние што некако ќе добиеја првостепена пресуда. Остана некое судство, судство само за покажување сила на обични граѓани. Дали е ова фер? Дали ние ова го заслуживме?
Адеми: Не, целокупното општество и граѓаните заслужуваат донесување на законити одлуки, а со самото тоа и владеење на правото. Она што создава револт кај мене како граѓанин, како судија и како претседателка на Врховниот суд, е што другите власти, постојано го вперуваат прстот во судството дека поради одолговлекување на судските постапки, донесени се измените на Кривичниот законик. Јас не се согласувам со тоа. Можеби има одредени ситуации дека се одолговлекувани одредени постапки за кое секој судија ќе мора да си одговара во согласност со законот. Јас постојано со претседателите на четирите Апелациони судови имав работни средби, на кои апелирав и укажував на предметите кои се од висок јавен интерес да им се даде висок приоритет и ажурно да се постапува под опасност дека истите може да застарат. Би сакала да потенцирам дека Врховниот суд е ажурен и ефикасен суд и во таа смисла предметите ги решава во разумен рок. Донесов внатрешни процедури за одделот за казниви дела и со тие процедури се забрзаа постапките кои се од јавен интерес. Беше присутен проблемот со задоцнето доставување на мислењата за конкретни предмети од Републичкото јавно обвинителство, но благодарение на внатрешните процедури и ургенции сега многу побргу тие предмети се враќаат од Обвинителството и врховните судии во експедитивен рок одлучуваат на најефикасен начин.
Министерството за правда согласно Законот за судови има законска обрска за закони кои се однесуваат на статусни прашања за судството, да се обрати до Општата седница на Врховниот суд која треба да расправа и даде мислење и забелешки за нив. За жал, кога се носеа измените на Кривичниот законик, Врховниот суд беше прескокнат.
Како се вика сега ова дискриминирачко судство за обичните граѓани, кое ги штити политичарите и бизнис-моќниците? Може ли и официјално да го поделиме, да му дадеме две имиња – судии за политичари и судии за граѓани?
Адеми: Не, нема да го реименуваме. Ние сме судство на Република Северна Македонија, нашите одлуки ги носиме во името на граѓаните.
Но, во името на граѓаните, ваши колеги предметите за висока корупција ги завлекуваа по 5-6 години, па во името на граѓаните ги чуваа со месеци по фиоки и во името на граѓаните ги враќаа назад на повторно судење.
Адеми: Судиите мора да постапуваат ефикасно и законито, посебно кога се работи за предмети од висок јавен интерес. Врховниот суд донесе и начелен став за објавување на неправосилните судски одлуки кој беше во насока да се објават пресудите од висок јавен интерес од страна на пониските судови. А во согласност со надлежностите и одолговлекувањето на одредени постапки, потребно е Судскиот совет да се позанимава со овие прашања и кои се тие судии во пониските судови што ги чувале предметите во фиока. Потоа дали имало намерно одолговлекување на постапките и кои биле причините за тоа, кои можеби се во доменот токму на факторите кои ја нарушуваат независноста на судството. Потребно е да се дадат одговори. И тука потенцирам дека секој претседател на суд е должен да ги следи предметите во која фаза се и да гледа каква е ефикасноста на постапувањето на судијата. Потребно е да има јасни процедури и задолженија за предметите од јавен интерес. И тука треба да се следи примерот на Врховниот суд, кој е позитивно оценет и во Извештајот на Европската унија и во Извештајот на Стејт департментот.
Кој Судски совет да се позанимава? Овој што самиот заклучи дека апелациониот судија Енвер Беџети незаконски го држел предметот „Тврдина-Таргет“ за Сашо Мијалков 8 месеци во фиока, и кого сега не сака да го стави на маса за разрешување? Овој Совет што го спрема сега Енвер Беџети за унапредување во врховен судија? Судскиот совет кој освен два члена, целиот е во Охрид на уживање, на покана на судија за кого отвори постапка за одговорност?
Адеми: И Врховниот суд беше поканет, но никој не отиде.
фото: СДК