Како партија изразуваме почит кон одлуката на министерот Венко Филипче за понудената оставка и ги почитуваме одлуките и на заменикот министер за здравство и на директорите на болницата во Тетово, соопшти СДСМ откако вечерва министерот за здравство објави дека понудил писмена оставка до премиерот Зоран Заев.
„Одлуката на министерот за здравство Филипче, поттикната од чувството за морална одговорност, ја отсликува неговата посветена, чесна работа како одговорен министер, со строго почитување на етичките правила и морал. Министерот Филипче е пример за одговорен политичар кој избра да им служи на граѓаните и да се бори за нивното здравје и нивните животи“, се наведува во соопштението.
Од партијата велат дека истрагата што надлежните институции ја спроведуваат во соработка со меѓународни експерти, ќе ги даде одговорите за сите прашања поврзани со трагичниот пожар во модуларната болница во Тетово.
„Ефикасната и брза истрага ќе даде дополнителна потврда за капацитетноста на институциите и нивната професионална посветеност. Особено го поздравуваме ангажманот на врвните германски експерти за форензика кој треба да донесе дополнителна вредност во процесот на истрага“, соопшти владејачката партија.