СДСМ безкрупулозно оди против волјата на народот

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ ќе биде победникот на локалните избори на 15-ти октомври, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг кој Коалицијата „За подобра Македонија“ го одржува во Кочани.

-Веќе безмалку четири месеци нашата држава, нашиот народ живее во еден период кој најдобро е да се нарече помрачување во секоја смислам на зборот. Од економска смисла, од незаконско и насилничко работење на новата власт насекаде каде ќе стигне без внимавање, понекогаш човек да си помисли дека намерно тоа го прават за да демонстираат некаква сила, незнаејќи дека сето тоа ќе им се врати еден ден. Ни закони гледаат, ни внимаваат, ниту се свесни дека сето тоа ќе се збрише откако на 15 октомври овој народ масовно ќе излезе и ќе гласа против нив и ќе ја поддржи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, дециден е Груевски.

Тој вели дека ова е помрачување во кое што се гледа отвореното и безкрупулозно одење против волјата на народот, без срам.

-Помрачување кое се гледа и преку склучување на штетни меѓудржавни договори во кои се откажуваат од македонското малцинство, јазик, историја. Помрачување кое се гледа и преку промена на кадрите во владата и државните институции и незаконско поставување на некомпететни лица на нови позиции кои ниту по знаење ниту по искуство се кадри да водат државни институции и кои тоа го заслужиле само затоа што фабрале со бои државни институции. Живееме во четири месеци на помрачување во кои народот гледа дека се она што беше ветувано било ветер и магла, дека нема исполнување на ветеното и дека нема намера да се исполнува освен некои ситни работи кои нема значително да го променат животот на луѓето, нагласу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски вели дека ветувале 500 евра просечна плата, која не само што ја нема, туку во првите два месеци ДЗС регистрирала намалување на просечната плата.

-Се ветуваа 500 километри автопатишта во Македонија, а се запре работењето и на оние автопати кои беа почнати да се градат, а дел од нив беа при крај како што е завршениот автопат Демир Капија-Смоквица кој е готов во мај, како што е и патот од Скопје до Штип кој над 80 проценти е завршен, а сега е стопиран за по некоја година да кажат дека тие го изградиле, како и автопатот Кичево-Охрид. Се отпуштија од работа околу 2.000 работници. Ги запреа сите градежни објекти и проекти кои ги започна ВМРО-ДПМНЕ од гнев кон партијата, кон сите што го поддржуваа и ја сакаа Македонија напредна и успешна. Тоа е таа погубна политика, посочи Груевски.