СДСМ денеска избира лидер, единствен кандидат е Зоран Заев

Денеска СДСМ избира нов партиски претседател на директни, непосредни, внатрепартиски избори на кои можат да гласаат сите активно регистрирани членови на СДСМ.

Изборите, како што соопштија претходно од партијата ќе се спроведат во сите 80 општински организации на СДСМ од страна на општински изборни комисии и избирачки одбори, на вкупно 237 избирачки места, кои денеска ќе бидат отворени од 08 до 19 часот.

Централната изборна комисија го потврди и го затвори Избирачкиот список, на кој се пријавени за гласање 68 999 членови, обезбеден е избирачки материјал, паравани за тајност на гласањето, избирачки кутии, ознаки и протоколи за заштита на здравјето на сите учесници.

Актуелниот претседател Зоран Заев е единствениот кандидат кој поднесе кандидатура и програма за следен мандат. Поради тоа на изборите ќе се гласа со „за“ и „против“.

Моментно заменик на Заев е Радмила Шеќеринска, а потпретседатели се Мила Царовска, Оливер Спасовски, Мухамед Зекири и Коста Петров. По конгресот, Заев ќе треба да донесе нови кадровски одлуки, односно од списокот на нови членови на Централниот одбор ќе треба да го избере најтесното раководство, односно новиот состав на Извршниот одбор и идните потпретседатели и секретари на партијата, меѓу кои и генералниот секретар.