СДСМ е консолидирана партија и е на победничките патеки, нема пуч од Заев, вели Ковачевски

СДСМ по поразот на локалните избори во 2021 година е веќе консолидирана партија, која ги гради своите политики во рамки на официјалните тела и е вратена на победничките патеки, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по најавата на првата нова инвестиција во ТИРЗ.

Консолидацијата, посочи Ковачевски, се потврдила преку големиот број трибини, вкупно 79 низ цела држава и со победата на изборите за градоначалник во Маврово-Ростуше и подобрените резултати на изборите за советници во Општина Тетово.

Во однос на наводите за пуч од Зоран Заев во СДСМ, Ковачевски, рече дека не сака да ги коментира, со оглед дека и самиот поранешен претседател на СДСМ и премиер ги демантирал.

Прашан за тоа во какви односи е со Зоран Заев, Ковачевски, рече дека неговиот однос со сите претходни претседатели на СДСМ е на ниво на комуникација со луѓе кои што се вградиле, како во развојот на партијата, така и во развојот на државата.

– Сите извршувале високи државни функции и секако искуството, кое што го имаат, доколку биде потребно, јас знам да се консултирам со нив. Најголемиот дел од претседателите присуствуваа и на трибините кои што го имавме како политичка партија во текот на месеците октомври, ноември и декември и со тоа и ја искажаа својата поддршка, изјави Ковачевски