Извештајот на Европската комисија, кој нотира напредок во областа на правосудството, изборите и борбата против корупцијата е доказ за посветеноста и потврда на успешните политики на Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев, смета владејачката партија.
Извештајот е и дополнителен мотив за парламентарното мнозинство, Владата и за сите институции, да работат уште повеќе на реформите што обезбедуваат силен, ефикасен и независен правосуден систем.
Во соопштението од СДСМ се вели дека Европската комисија јасно наведува дека со новиот Закон за јавно обвинителство се обезбедува основа за професионален и непристрасен обвинителски систем, поотпорен на политички и друг вид притисоци и дека во изминатите години во земјата е воспоставен механизам за обезбедување независно и одговорно судство.
Понатаму се нагласува во соопштението дека Извештајот наведува оти државата има одредено ниво на подготвеност за почитување на ЕУ легислативата и европските стандарди во оваа област и дека „доаѓа време на ред, правда и дисциплина”.