СДСМ го пикираат 14 јуни за изборен ден!?

Предвремени избори на 14 јуни ќе биде понудата што раководството на СДСМ планира да ја стави на маса на лидерската средба која што претседателот Пендаровски ја најави за следната недела. Според информации кои ги објави „Независен“ повикувајќи се на партиски извори. Сепак, официјало од партијата не ги потврдуваат овие информации.

Но, претседателот на социјалдемократите, Зоран Заев вчера во интервју истакна дека мора да се искористи првата шанса за избори стравувајќи дека доколку се чека есен изборите не би се случиле поради втор бран на епидемијата со коронавирусот.

„Она што јас го очекувам е Република Северна Македонија да ја зграпчи првата можност кога може да оди на избори зашто не знаеме кога ќе има втора можност. Светот зборува, и нашите експерти го кажуваат тоа, дека можно е есента да се случи повторен пик на вирусот. Дај Боже да не се случи, но ако се случи ние ќе влеземе во пробивање на сите уставни рокови околу мандатот на пренесените надлежност од граѓаните на политичарите“, изјави вчера Заев.

Но, во ВМРО ДПМНЕ не се согласуваат дека треба час поскоро да се оди на избори. Сметаат дека опасноста по здравјето на граѓаните се уште е висока за да се организираат избори и да се одржуваат предизборни настани.

„Она што е важно е дека нема да дозволиме заразување на целата држава при огромен број на заболени само за Заев и СДСМ да го намалат поразот. Било кога да има избори, било каде да има избори, било како да се организираат изборите, ВМРО-ДПМНЕ победува. Но, не е само поентата ВМРО-ДПМНЕ да победи кога цела држава ќе биде заразена. Формирање на таква влада воопшто не посакуваме“,вели генералниот секретар на ВМРО ДПМНЕ, Игор Јанушев.

Дека изборите не можат да бидат брзо по завршувањето на вонредната состојба велат и до Државната изборна комисија. Оттаму сметаат дека ќе бидат потребни околу два месеци за да се завршат сите неопходни предизборни процес пред да се гласа. Истакнуваат дека по коронакризата ќе биде неопходно одново да се ревидира Избирачкиот список.