Прагматичноста ни бега од рака. Полесно е да се расфрламе со туѓи пари (народни) за да истераме некои свои хирови. За сè друго знаеме да ги обвиниме другите, но не и самите себе. Во случајов со пандемијата на коронавирусот се властите преземаат најразлични мерки за намалување на последиците од оваа зараза, се препорачуваат вакви и онакви мерки и слично. Се посочуваат луѓе за нивното однесување и дека со тоа придонесуваат за ескалацијата на Ковид-19, односно правеле некакви прослави, што значи се групирале на едно место, нешто што може да го прочитаме секој ден во медиумските објави.
Ако конкретно се посочува која е причината за заразување на луѓето со коронавирусот, тогаш е апсурдно да се зборува за организирање на вонредни локални избори во Штип и Пласница во време кога Ковид-19 галопира со голема брзина во Македонија и секој ден зема се повеќе жртви. Тоа значи дека граѓаните директно се праќаат на кланица? Зарем треба да набројуваме примери!? Штип е еден од поголемите центри коронавирусот. Само за потсетување, предвремените парламентарни избори кои се одржаа во „многу по поволни услови на пандемијата“ имаа одраз на ширењето на Ковид-19. Впрочем, повеќе политичари беа зафатени од коронавирусот, а сега кога е загубена контролата и кога здравствените капацитети се исполнети и се на крајот на силите вработените, едноставно е безумно да се оди по секоја цена на избори на крајот од годината кога следната ќе се одржат редовните општински избори. Струмица долго време функционираше со в.д. градоначалник, а така беше и во некои други општини.
Во време на беспарица, огромни задолжувања во странство, туку така да се троши секој денар е губитнички потег. Не велиме дека евентуалната победа на некоја од партиите им носи психолошка победа на редовните локални победа. Да, им носи. Но, и ќе им однесе ако изборите бидат група на зараза и, недај Боже, на загуба на човечки животи.
Ако СДСМ со партнерите е сигурен во победата во Штип, а ДУИ во Пласница, тогаш што менува тоа ако изборите се одржат неколку месеци подоцна во една понормална ситуација. И на опозициските партии ќе им значи победата. Можеби владејачкиот тандем СДСМ-ДУИ сака материјално да ги истроши опозициските партии, бидејќи тие се расфрлаат со народните пари.
Штип е значаен центар за македонската политичка сцена и е од големо значење за секоја политичка партија. СДСМ имаат квалитетен предлог и кандидатот кој се посочуваше од ВМРО-ДПМНЕ, исто така е квалитетно решение, а и двајцата се пратеници. СДСМ најави дека е во голема предност и дека ВМРО-ДПМНЕ се плаши оти ќе изгуби.
Но, аналитички гледано, последниот избор на градоначалник мина доста тесно, зборуваме за изборот на Благоја Бочварски. Со последни сили, притисок на странскиот фактор на ВМРО-НП, ангажирањето на Стојанче Ангелов и играњето со чувствата на бранителите од 2001 година, кои на крајот пак беа излажани, и лутината на одреден дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ придонесе Бочварски да се спровре низ иглени уши. А за таков тесен пораз успеа да се избори самиот Илчо Захариев, тогашниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ.
Иако преку медиумите социјалдемократите се трудат да покажат колку бил успешен како градоначалник сегашниот министер за транспорт и врски, работите не стојат баш така. Затоа што ВМРО-ДПМНЕ на предвремените избори оваа година победи тесно со 10.141 глас, додека СДСМ и коалицијата освоија 10.077 гласа, а Левица 1.257 и уште 1.275 гласови и припаднаа на десничарските. Дел од овие партии најавија коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.
Прашање е дали си наивни или се плашат опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците, Алтернатива, Левица, Глас за Македонија, а со одлука се очекува да се огласи и Единствена Македонија, кои изјавија дека се против избори во време на голем замав на пандемијата на коронавирусот.
По се изгледа дека во прашање е подмолна игра на СДСМ и ДУИ од повеќе причини: лошо справување со ковид-кризата, и на задрвствен план и на економски; на врат им тежат уште неколку афери; на ДУИ му претстојат денови на искушение со можните обвинувања од Хаг за Али Ахмети, а може и некои други челници на партијата; полесно идентификување на противници и граѓани и нивно поткупување со народни пари за редовните локални избори, како што тоа им појде од рака за предвремените парламентарни избори под плаштот на коронавирусот; и да победи опозициски кандидат тој ќе биде максимално блокиран во тие 5-6 месеци што треба да ги одработи, за да изгуби на редовните избори итн.