Од ВМРО-ДПМНЕ реагираат на денешната изјава на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за изборите. Од партијата велат дека Зоран Заев и СДСМ на овие избори одат со мисла како да го довршат грабежот кој го почнаа пред повеќе од три години.
Во главата на Заев се само криминал, корупција и милионски тендери за фирмите блиски до него и неговото семејство, велат од партијата.
„Заев и СДСМ одат на избори за повеќе лиценци за марихуана за ним блиските фирми, за камионите на Вице Заев да вртат во РЕК Битола, за другарите на Оливер Спасовски да добиваат лиценци за возачки испитни центри, за Радмила Шекеринска да ја разоружува армијата.
Глас за СДСМ е глас за Ден Дончев, за Боро Марлборо, за Курто Дудуш, за Драги Рашковски, за милион криминали.
Глас за СДСМ е глас за Заев да продолжи со криминалната политика – „Едно евро за Вицето, едно за црквата“. За рекетирање милион во Луј Витон торби или во вид на снопчиња кеш по примерот на Ден Дончев.
Глас за СДСМ е глас за лош менаџмент со здравството. Поради неспособноста на СДСМ имавме втор пик на коронавирус во јуни, последиците врз економијата се разорни, буџетската празнина до крајот на годината заради СДСМ ќе изнесува и до 1.4 милијарди евра“, реагираат преку соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека доколку СДСМ се соочи со уште еден пик, ниту здравствениот систем ќе може да го изменаџираат, ниту економијата ќе помине без катастрофални штети.