СДСМ: Ќе се надмине ли Мицкоски да се извини за штетите од криминалното владеење на ВМРО-ДПМНЕ?

Штетите предизвикани од 11 годишното криминално и расипничко владеење на ВМРО-ДПМНЕ се санираат, а економијата се стабилизира и се движи во добар правец, тврдат во соопштението од вторникот од владејачката партија СДСМ.

Велат дека економските параметри ги демантираат „празните зборови“ на челникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мискоски кој претходно ги критикуваше економските политика на владата предводена од СДСМ и направи споредба за 2016 и 2017 година и истакна дека во 2017 година има 100 милиони евра помалку странски инвестиции, 4 отсто намалено индустриско производство, а градежништвото е намалено за дури 12 проценти.

„Факт е дека само последните месеци од криминалното и расипничко владеење на партијата на Мицкоски резултираа со пад на економијата од 1,3 отсто во првиот квартал од 2017 година. Со успешните политики на Владата предводена од СДСМ, таа состојба беше надмината и во последниот квартал од 2017 година, забележан е раст од 1,2 отсто“, тврдат од СДСМ.

Социјалдемократите притоа се повикуваат на параметрите кои покажуваа дека индустриското производство во јануари 2018 бележело раст од 8,4 отсто во споредба со истиот месец од 2017 година, а стапката на невработеност во последниот квартал од 2017 изнесувала 21.9 отсто, што е помалку во однос на истиот период од 2016 година, кога изнесувала 23,1 отсто. Тврдат исто така, дека истовремено, со зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари околу 90.000 граѓани добиваат поголема плата и оти трајно е решен проблемот на 5.000 стечајни работници и обезбедена е егзистенција за овие семејства.

„Ќе се надмине ли Мицкоски да се извини за пустошот во економијата, осиромашените граѓани и огромните долгови што ВМРО-ДПМНЕ ги остави после 11 годишното криминално владеење?“, прашуваат на крајот од реакцијата од СДСМ.