СДСМ најавува нова влада за десетина дена

Во првите работни денови после Божиќ треба да биде познат составот на новата Влада. Од СДСМ велат дека, изборот на идни министри, мандатарот Ковачевски ќе го направи побрзо од предвидениот рок. Во меѓувреме, од партијата појаснуваат дека течат и разговорите со политичките партии кои ќе бидат дел од коалиционата Влада.

„Преговорите со коалициските партнери се во тек. Како што соопшти и претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски, нема да го користи рокот согласно уставот од 20 дена и предлогот за составот на новата влада ќе го достави околу 11 јануари“, вели Богданка Кузевска, Портпарол на СДСМ.

Во средината на месецот се очекува Собранието да ја одржи седницата за гласање на составот и програмата за работа на новата влада. Според претходно формираното мнозинство, новите владини политики ќе добијат поддршка од 64 пратеници.