Според СДСМ, доколку Албанците не излезеле во толкaв број да гласаат за Заев, тогаш Никола Груевски ќе освоел над 60 пратеници.
-Се случи феномен, Албанците се најголемите добитници на изборите во Македонија. Кога велам така, велам затоа што Албанците испишаа историја. Доколку не беа Албанците кои што гласаа за опцијата за СДСМ, денеска Груевски и неговата партија која е позната како националистичка ќе имаа над 60 пратеници. Затоа од таа причина Албанците покажаа и напишаа историја и покажаа дека се посвесни од поголемиот дел на македонскиот народ тука во оваа држава, вели Зекири.
Со ова се потврдуваат тезите за заобиколување на волјата на македонскиот народ благодарение на контингенти албански гласови кои легнаа на контото на СДСМ на овие избори. Претпоставката е дека околу 70.000 гласови во етнички средини каде живеат исклучиво Албанци, или пак тие се доминантни, доби СДСМ.
Во Арачиново СДСМ наброја 2.052 гласа, наспроти, за споредба, 1.456 за ДУИ или 794 гласа за Беса. СДСМ и Беса доминираат во Сарај; СДСМ со 2.973 гласа, а БЕСА со 3.300 гласа. Студеничани испорача 2.515 гласови за СДСМ, додека за Беса одвои 2.024. СДСМ во Липково наплати 773 гласа. Дури и во Чаир, домот на Беса, бесата на Заев доби 4.299 гласа, пред Беса со 3.183 и ДУИ со 2.645 гласа. И Диво Насеље, упориштето на терористичката група со исти цели, го даде гласот за каузата на Заев. Испорачани се гласовите и во Брест, Гошинце, Слупчане, на границата со Косово, од каде што и се вели дека се раководело ова изборно инженерство преку косовското подземје. Сето наброено на контото на СДСМ испорача најмалку осум пратеници, во замена за преименување, кантонизација, двојазичност, буџетска распределба, консензуалност, полиции и вработувања по етнички клуч и што ли уште не.
Со ваквиот настап на СДСМ, станува јасно дека волјата на огромно мнозинство Mакедонци и припадници на останатите етнички заедници е идната влада да биде предводена од ВМРО ДПМНЕ. Доколку се тргне настрана контингентот од 70.000 албански гласови на контото на СДСМ, тогаш разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ изнесува огромни 90.000 гласа, или повеќе од разликата на изборите во 2011 година.
Сега СДСМ се труди и преку дополнителен постизборен инженеринг со гласови, сосема да ја заобиколи волјата на мнозинството и гласот на мнозинството Македонци, воопшто да не одлучува за иднината на Македонија. Останува отворено прашањето колку црни милиони евра чинат гласовите во Сарај, Арачиново, Брест, Танушевци? Истите овие актуелни „бастиони на СДСМ“ се запишани во колективната македонска меморија како упоришта на борците за отцепување.
Мухамед Зекири ги отвори картите дека тој не бил „случајно во СДСМ“, односно дека не за џабе агитираше и како новинар по медиумите, а потоа како партиски член ги организираше албанските села. Мора да се испорача ветеното и платеното за поддршката од 70.000 гласа. Обврска на Зекири во ова изборно инженерство беа контактите и пренесувањето пораки, меѓу другото, и со косовското подземје, со луѓе со дебели досиеја и врски со терористички групи кои дејствуваа и во Македонија, во Брест и во Диво Насеље; местата со тазе самоосвестени социјалдемократи. Тие сега се на копче, активирани, пред, за време и по изборите.