
СДСМ не е за намалување на казните за фирмите. Пратениците на СДСМ не го поддржаа намалувањето на казните за правни лица и трговци поединци кои беа дел од предлог измените на Законот за трговските друштва кои се најдоа пред пратениците на денешното трето продолжение на 67-та пленарна седница во Собранието на Република Македонија.
Пратениците на СДСМ во неколкучасовната дискусија ги шалтаа ставовите дека „и тие предлагале нешто слично некогаш“ и дека „и покрај намалувањата, казните се сепак превисоки“, доаѓајќи само до границата на нивниот популизам која сепак не се дрзнаа да ја преминат предложувајќи можеби и укинување на сите казни во државата, како нивно најкреативно решение.
Наместо да мислат на интересот на трговците кои добија снижување на казните, пратениците на опозицијата не се надминаа себеси, па се фокусираа на стандардното политичко опонирање во кое личните и теснопартиските интереси за нив се секогаш пред интересот на народот и бизнис заедницата.
Народните избраници од редовите на опозицијата кои беа присутни во салата во моментот на гласањето не притиснаа ниту еден од тастерите за За, Против или Воздржан став, бидејќи знаат дека е лудост да си против намалување на казните, несериозност е да си воздржан, а треба малку храброст и доблест да си За закон предложен од твоите политички опоненти ВМРО-ДПМНЕ од кој огромна полза ќе видат сите трговци во земјата, пишува „Курир“.
Опозиционерите во парламентот не сфатија дека четвртата опција која ја одбраа, да се присутни, а да не гласаат, зборува за нивните интереси и капацитет за водење на држава дури и повеќе од опцијата кога би гласале Против намалување на казните. Станува јасно дека СДСМ не е за намалување на казните за фирмите.