Денеска во одговор на новинарско прашање СДСМ направи превид во однос на кадровските решенија во МЕПСО, велат од партијата.
„Во морето на информации кои пристигнуваат до СДСМ за погрешната кадровска политика на ВМРО-ДПМНЕ, пристигната е и нецелосна информација која не беше целосно проверена, со што е направена ненамерна грешка со имињата за членови на Управниот одбор односно Надзорниот одбор на МЕПСО.
СДСМ како одговорна и принципиелна партија упатува јавно извинување до споменатите имиња кои не се дел од новите кадровски решенија во МЕПСО но и до целата јавност“, соопштија од СДСМ.
На прес конференција, СДСМ обвини дека тв водителката Анастасија Илиеска (сопругата на водителот Богдан Илиески-Бетмен Велит) е назначена за нов член на тело во МЕПСО и дека таа заедно со синот на претседателот Ѓорге Иванов (Иван Иванов) се назначени да вршат надзор во државнта енрегтската компанија.
Но, излезе дека станува збор само за луѓе кои имаат исти имиња и презимиња.
Двајцата, Анастасија Илиеска и Иван Иванов, нема да вршат надзор туку се дел од Управниот одбор на МЕПСО кој е назначен вчера.
Анастасија Илиеска е поранешен државен секретар во МВР и поранешна директорка на УЈП. Исто така е дел од партиските структури на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е назначена за член на Управниот одбор на енергетската компанија за финансии и менаџмент.
ВМРО-ДПМНЕ пак негираше и ја обвини СДСМ дека шири лажни вести затоа што ниту Иван Иванов не е синот на екс претседателот Ѓорге Иванов туку стручно лице
-Ниту станува збор за синот на поранешниот Претседател Ѓорге Иванов, ниту станува збор за сопругата на Богдан Илиевски. Тоа се комплетно различни личности, кои немаат никаква допирна точка со Иванов и Илиевски. И тоа е лесно проверливо и уште полесно за докажување, но на СДС им е полесно да се расфрлаат со пердуви и да обвинуваат за наводна партизација, рече Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.