СДСМ не гледаат потреба за лидерска средба кај Пендаровски

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и гененералниот секретар на владејачката партија Љупчо Николовски, засебно во понеделникот го отфрлија повикот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за организирање брза лидерска средба кај шефот на државата Стево Пендаровски, и натаму инсистирајќи на свикување на парламентот.

Заев во интерјвуто за „Независен весник“, вели дека во овој момент не гледа причина за лидерска средба и истакнува дека институциите делуваат „сосема соодветно за справување со кризата, а тоа го потврдуваат и граѓаните и релевантните меѓународни претставници и нагласува дека навистина не е важна политичката кариера на лидерот на опозицијата, важни се граѓаните“.

„Затоа така и треба да се однесуваме. Прво здравје и живот, после политика.“, подвлекува Зоран Заев во интервјуто за „Независен весник“.

Николовски на прес-конференција во партиското седиште нагласи дека мора да има одговорност за настаните на 27-ми април 2017 година, кои се случија по последните парламентарни избори во земјата. Истакнува притоа дека Македонија веројатно е единствената држава во ваква ситуација со техничка влада, парламент кој не е во функција и прогласена вонредна состојба.

Мерките за справување со коронавирусот даваат резултати, добро е што се намалува бројот на новозаразени, но додека не се воспостави целосна контрола над здравствената криза, рано е да се размислува и за лидерска средба кај претседателот Стево Пендаровски и за одржување избори“, рече генералниот секретар на СДСМ.

„СДСМ е целосно фокусиран на поддршка на институциите, на заштита на јавното здравје, на справување со економските последици од кризата со коронавирусот и на зачувување на работните места. Кога ќе се воспостави целосна контрола над епидемијата и кога општеството и државата ќе бидат подготвени, ќе може да седнеме да разговараме и за одржување на изборите“, изјави Николовски одговарајќи на прашање дали може да потврди дека ќе нема избори на крајот на јуни или во почетокот на јули.

Според Николовски, СДСМ е фаворит на претстојните избори, но, како што вели, во моментнов ги има замрзнато сите теренски активности, целосно почитувајќи ги мерките на Владата и на здравствените власти. Наспроти тоа, како што оценува, за ВМРО-ДПМНЕ главна тема се изборите и лидерската средба.

„Тоа е истото ВМРО-ДПМНЕ кое ни за три години не ги смени политиките , навиките, наративот. Не видовме ниту нови луѓе, ниту нови концепти, ниту волја да се прифати пресвртот што го донесе СДСМ. Државата тргна напред, сега како членка на НАТО и пред почеток на преговорите со ЕУ, додека ВМРО-ДПМНЕ остана закопана во своите ровови и понатаму сеејќи конфликти, поделби и омраза“, рече Николоски, коментирајќи зошто опозицијата не се осврна денеска на тригодишнината од настаните на 27-ми април.

Николовски нагласи дека мора да има одговорност за нарачателите и организаторите на настаните на 27-ми април, кои, како што рече, не смета да се заборават, но и не смее да се дозволи да се повторат. Рече дека зад насилствата во парламентот стои „менторот на Христијан Мицкоски“, за кого, пак, посочи дека бил пред вратата на парламентот додека внатре се одигруваа бруталните и крвави настани.

Николовски истакна дека треба да се поддржи иницијативата на пратеници на СДСМ за свикување собраниска седница, за што, како што рече, било разговарано со претставници на другите пратенички групи, вклучително со ДУИ.

„Македонија е веројатно единствена земја во ваква состојба, со техничка влада и со парламент што не функционира, додека од друга страна е прогласена вонредна состојба. Затоа таа иницијатива заслужува поддршка во насока на унапредување на демократските механизми на општеството. За таа иницијатива, и јас и претседателот Заев разговаравме и со претставници на ДУИ“, заклучи генералниот секретар на СДСМ.