СДСМ не го делел ставот на Мухамед Зекири за хомосексуалноста, па уште елабориран со поткрепa од религиозни книги, од Куранот? Збориме за оној Зекири кој, онака најслучајно, стана тазе и инстант потпретседател и пратеник на партијата СДСМ? По ваквата реакција од партијата, човек да се запраша дали СДСМ ги дели „сам со себе,“ не пак да ги брани од противниците и отворените непријатели, своите политички вредности, својата идеологија, својот статут и програмски документи, значи, се она што ја прави смисловна и функционална нејзината партиско-политичка егзистенција, зачленувањето во неа, симпатизерството кон неа, гласањето за неа?, пишува на својот Фејсбук профил поранешната пратеничка од СДСМ; Каролина Ристова- Астеруд.
Таа понатаму вели, а сето тоа во нашиот уставен поредок, во нашиот правно-политички систем, кој, онака де, како „кежуал став“ и „споредна поента“ е заснован на секуларизам и почитување на основните граѓански и човекови слободи и права? Истите оние уставни вредности за кои што, онака патемно, сите носители на врвните државни функции се заколнати да ги промовираат, почитуваат и штитат? Ама стварно човек да се запраша, оти, да потсетам, сето ова го поставив како прашање и кога излезе на виделина дека Ферид Мухиќ ќе се извози гага како кандидат за пратеник на листата на СДСМ, со оној негов став за правото на абортус, ај против програмските определби и вредности на СДСМ, туку и противуставен, а и за низа други , да не ги редам повторно сега. Инаку, да, секако, Зекири има/л слобода на говор, и право да си го каже ваквиот свој став и вредносни ориентации, особено во однос на хомосексуалните бракови.
Ама, тоа и така завршува приказната кога станува збор за „граѓанинот Зекири“, како и во однос на правните аспекти за неговата слобода на говор да си кажува, па и треска ставови, па и оние по неговите религиозни убедувања. Што се однесува до „политичарот Зекири“ и „пратеникот Зекири“ не се баш исти правилата на игра и последиците, особено политичките и партиско-политичките. Ако има некаква доблест, наместо сега да „плаче“ дека има/ло бурни реакции на осуда и неодобрување за неговите ставови, по истата таа слобода на говор, наместо да се прави „глупи Август“ во однос на реакциите ( па кај мисли дека се наоѓа, на Блиски Исток или во сред Европа?), треба да си поднесе ОСТАВКА, и од пратеничката функција, и од партиската функција, како и од партиското членство во СДСМ! Ако не е толку доблесен, а не верувам дека е (оти, тогаш, ради своите убедувања, и не би се пикнал во партија како СДСМ, туку, на пример, во Беса и слични политички сили, со кои, патемно, допрва ќе имаме смртно сериозни проблеми), тогаш СДСМ треба да го РАЗРЕШИ И ИСКЛУЧИ, ама ПРОНТО!
СДСМ не треба да глуми „корисен идиот“ за некој кој очигледно нема блага врска со идеологијата и политичката агенда на СДСМ, туку ќе да има повеќе афинитети кон идеологијата на политичкиот ислам и теократијата. Во случајот, онаа по Куранот, како што појасни и конкретизира, впрочем други такви и нема во Европа, беа победени и реформирани во меѓуверските војни, па од силите на Хуманизмот, Ренесансата, Просветителството, граѓанските револуции, пред векови и векови. Изгледа Зекири ќе треба да се информира повеќе за европската историја и сегашност, наместо да си прави збунки или инспирира од историското каскање на други геополитички региони, или пак да се занесува дека ќе го врати тркалото на историјата наназад само затоа што ” Куранот” бил отсутен, не учествувал во тие процеси на градење на модерна Европа , па си доцни со лекциите.
Секако, може да се обиде, ама не би му било ич паметно, ама ич, ич. И така, висок функционер и пратеник на СДСМ, а ТОА да ти му било извор на политичките и правните ставови, не уставот на земјата, онака мртов-ладен ( ?! ) си кажува, сосема свесен дека за јавноста он го преставува СДСМ, со сите нишани, па уште тоа да ти било плурализам на ставови во партијата , а не прашање на темелни вредности на истата. Па и за тазе “откриен” политичар и тазе-печен “социјалдемократ” многу ќе да е утката, кратерска. Тоа не само што е антитеза на социјалдемократијата, туку на сите други современи, легални и легитимни европски идеологии, како и антитеза на самиот уставен поредок. И овде, и во цела Европа, баш на ист начин како што беа и се антитеза нацизмот и фашизмот. Се надевам дека СДСМ не планира да се „дружи“ и „кокетира„ со типови од тој и таков политички спектар , да ги охрабрува, да им овозможи да ја користат, ни помалку, ни повеќе, партиската, политичката и државната машинерија за таквите свои цели, за легитимирање и собирање приврзаници на таквите свои „ставови„, „вредности“ и „агенди“ меѓу граѓанството. Се надевам, се разбира дека за засилување на такви сили во политиката ” со пекол се плаќа”, пред самите да бидат проголтани и уништени?
П.С. Го тргнав Зекири од мојата листа на ФБ-пријатели, со личности со такви јавно искажани ставови не може да глуматам пријателство, макар и на ФБ. Таквите имам должност да ги трпам само во јавниот простор и само толку колку им е уставно загарантирано, ништо повеќе, стои во ФБ статусот на Астеруд.