
Во периодов на изборна претседателска кампања, постојано се забележува на фактот за присуството на владини функционери на политички митинзи, бидејќи пред сѐ тие треба да ги застапуваат интересите на сите граѓани на Македонија, а не на одредена политичка партија. Етичката линија особено се истенчува и преминува во кршење на закон, доколку при овие партиски собири се користат државни средства.
Исто така, се забележува и друга злоупотреба, доколу поединци присуствуваат на предизборни политички собири, во период кога би требало да ги извршуваат своите работни обврски.
Еден од многуте такви примери е случајот со вишиот инспектор вработен во МВР, кој присуствуваше и јавно говореше на трибина за поддршка на Стево Пендаровски, претседателски кандидат поддржан од власта, на 22 април. „Нетпрес“ побара одговор од МВР, дали ќе биде преземена некаква одговорност за оваа активност на вработениот, особено поради тоа што министерот Оливер Спасовски, јасно повика полицијата да не учествува во политичка пропаганда, но, одговор засега не добивме.
Елхам Шкрета, кој на собирот се претстави како Албанец од Чаир и му ја вети на Заев поддршката од Албанците, е виш инспектор во одделение за имотни деликти и малолетничка деликвенција во МВР. Но, освен што е проблематично неговото присуство на ваков собир, особено што МВР вети деполитизација на полицијата, Шкрета во моментот кога му даваше јавно беса на премиерот Зоран Заев, дека на овие избори ќе победат, тој требало да биде на своето работно место.
До нашата редакција, пристигна документ кој укажува на тоа дека инспекторот прво се потпишал дека бил на работа тој ден, па откако увидел дека неговото присуство на митингот е „забележано“ и се совпаѓа со периодот кога требало да присуствува на работа, ги прешкртал сите негови евиденции на распоредот за работа за месец април.
Доколку моралнот аспект е апстрактен поим за нашите функционери, се чини дека ништо повеќе не можат да го разберат и поимот професионализам и почитување на закон.
Според законот, полицискиот службеник не смее да основа, да раководи и да биде член на раководство на политичка партија. Полицискиот службеник со членувањето во политичка партија и со учество во нејзините активности не смее да го доведува во прашање непристрасното и законито вршење на полициските работи. Не смее да носи или да истакнува партиски симболи во просториите и службените возила на полицијата, партиски да се организира или дејствува во Министерството. Полициските службеници не смеат во униформа на Полицијата да присуствуваат на партиски активности и манифестации…
Во однос на злоупотребатра на државни ресурси за време на изборната кампања, Комисијата за спречување на корупцијата, на својата веб-страница објави и регистар на службените возила на државните органи, служби, претпријатија и општини кои не смеат да се злоупотребуваат за време на кампањата.