СДСМ очекува мандат, ДУИ решава за коалицирање, ВМРО-ДПМНЕ предупредува на погубно сценарио

сдсм

Заев, кој СДСМ на седница на Централниот одбор на партијата го утврди за мандатар, ќе се обиде да направи влада со поддршка на пратениците на ДУИ, Беса и Алијансата на Албанците.

Од ДУИ најавија дека денеска треба да донесат одлука дали ќе коалициираат со СДСМ во нова влада или ќе поддржат малцинска влада. Портпаролот на ДУИ Бујар Османи во петокот изјави дека доколку решат да поддржат малцинска влада, Заев ќе ги добие гласовите на нивните пратеници во Собранието, но нема да учествуваат во извршната власт.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, пак, вчера го повика Заев да не формира влада со ДУИ најавувајќи дека доколку го стори тоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи формирање малцинска влада.

Ќе поддржиме малцинска влада, доколку СДСМ се откаже од Законот за јазици, платформата и редефинирањето и урнисувањето на државата, напиша Груевски на својот фејсбук профил, а потоа својот став го повтори на телевизиско интервју.

Ако, додаде Груевски, албанските партии ја донесат СДСМ на власт, ние сме подготвени да ја поддржуваме како малцинска влада со нашите пратеници доколку се откаже од Законот за јазиците, платформата од Тирана и редефинирањето и урнисувањето на државата.

Груевски му порача на Заев доколку сака да дојде на власт, да ја спроведе програмата од изборите без редефинирањето, односно тоа да го направи без да удира по државните и националните интереси.