Припадници на Шестата управа во МВР и дел од обезбедувањето на премиерот Зоран Заев основале агенција за обезбедување, a како еден од основачите е и струмичанец осудуван за дузина кривични дела, дознава НетПрес.
Според Централниот регистар, агенцијата „Код Секјурити Груп“ ДОО Струмица е основана на 10 јули годинава, а како основачи се јавуваат Александар Трајков, познат во јавноста како телохранителот на Заев кој го придружуваше и пред да стане премиер, потоа Николчо Колев и Стево Трајков, и двајцата исто така обезбедување на претседателот на СДСМ.
Александар Трајков алијас Салин, неофицијално повеќе не е вработен во МВР, а Колев и Стево Трајков се вработени во Шестата управа на МВР. Александар Трајков, освен по раскрварената глава во Собранието на 27 април, познат е на јавноста и по инцидентот во дискотека во Струмица кон крајот на 2016 година, кога претепа две лица.
За овој инцидент против него беше поднесена само прекршочна пријава.
Исто така, тој во декември 2008 година беше осуден на условна затворска казна од три месеци поради загрозување на безбедноста во сообраќајот, според текст објавен од порталот „Република“.
Неофицијалните информациите до кои дојде НетПрес велат дека , Колев наводно своевремено бил дел од кривична истрага на полицијата, за шверц на 2,5 килограми марихуана.
НетПрес пред неколку дена побара информација од МВР за тоа дали овие три лица се вработени во полицијата, но до денеска не добивме одговор.
Управител, пак, на агенцијата „Код Секјурити Груп“ е извесен Александар Тумбов.
Освен овие три лица, како основачи на „Код Секјурити Груп“ се јавуваат и Блаже Масалковски, син на поранешен пратеник од редовите на СДСМ, а сега член Регулаторната комисија за енергетика.
Особено интересен меѓу основачите е струмичанецот Лазо Котуровиќ, своевремено дел од личното обезбедување на Заев.
Тој во Струмица е познат под надимакот Д’лгиот и дури седум пати е осудуван за насилство, за нанесување тешки телесни повреди, за загрозување на безбедноста во сообраќајот, и за самоволно оддалечување и бегство од вооружени сили. Има и неколку кривични пријави за напад на службено лице, учество во тепачки и други кривични дела.
Нашите информации велат дека во агенцијата наводно ангажиран е и Александар Николов, возач на градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.
Не е јасно како вработени во полицијата, основале агенција за обезбедување, односно како МВР воопшто им издало дозвола на нив, бидејќи тоа е спротивно на Правилникот за работење на работите и дејностите што се во судир со полициските работи. Имено, во член 2 од Правилникот стои дека полицискиот службеник не треба да ги врши следните работи и дејности, кои се во судир со полициските работи, што е потенцирано во алинеите 3, 5, 10 и 15 односно работи од областа на осигурувањето, работи од областа на обезбедувањето на лица и имот, дејности поврзани со ракување со оружје и експлозивни материи и работи и дејности кои можат да го нарушат угледот на Министерството за внатрешни работи.
Оттука се поставува прашањето дали министерот Оливер Спасовски, кој лично потпишува дозвола за работа на агенција за обезбедување, свесно го прекршил законот со тоа што „Код Секјурити Груп“ добила потребни документи од МВР, и можеби затоа НетПрес не доби одговор на прашањето доставени по електронска пошта?
Исто така, Законот за приватно обезбедување вели дека лиценца не може да добие лице кое е осудено со правосилна судска пресуда или против него се води кривична постапка за кривично дело за кое се гони по службена должност.
Од фотографиите објавени на социјалната мрежа „Фејсбук“, кои за кратко време потоа беа избришани од лицето кои ги објави, јасно се гледаат основачите во работни униформи, односно маички на „Код секјурити груп“.
Ова е втор скандал поврзан со агенциите за обезбедување откако СДСМ е на власт. Јавноста во ноември лани дозна за агенцијата „Омерта Секјурити“ основана непосредно по составувањето на владата на Зоран Заев, а која се поврзуваше и со неговиот брат Вице Заев. Истата почна да презема работи од обезбедувањето во Скопје и тоа без да има дозвола за работа од МВР, а не беше ниту регистрирана во Комората на Република Македонија за приватно обезбедување.
За „Омерта Секјурити“ јавноста првпат дозна од новинарот Сашо Ордановски, кој во своја колумна посочи дека оваа агенција, која ја нарече рекетарска банда, врши рекет, уцени и изнуди низ Скопје, се со цел да се наметне на пазарот за обезбедување, свесно заканувајќи се дека наводно ги штити новата власт. „Омерта Секјурити“ беше поврзувана со опожарувања и оштетувања со огнено оружје на неколку луксузни автомобили низ Скопје, кои припаѓаа на сопственици на кафулиња и ноќни клубови, но и со убиството на младиот фудбалер Матрин Јанушев, кое се случи во ноември, лани, во населбата Аеродром.