СДСМ без реална програма, Заев во Италија ќе мудрува што да понуди

Најголемиот проблем со кој се соочува најголемата опозициска партија во пресрет на изборите кои се закажани за 24-ти април следната година е немањето поддршка од народот. Според она што досега се случуваше, јасно е дека СДСМ и на следните избори ќе излезе без реална програма, а опозицискиот лидер Зоран Заев од Италија ќе проценува што му фали на народот.

Како што анализира денес порталот „Курир“ освен тоа што главната преокупација на Заев е јавниот обвинител кој треба да го ослободи од вината за случајот „Пуч“, како и добивање на првото место во МВР за предизвикување на хаос и кризи, нова грижа за Заев е што СДСМ до сега нема никаква квалитетна програма и целиот овој период освен со објавување  „бомби“ не потроши ниту една прес- конференција за да предложи нешто корисно.

Програмата на СДСМ за изборите ќе биде ангажирана италијанска фирма

Оттука, сосема извесно е дека СДСМ и овие избори сака да ги помине без реална програма, создавајќи привид дека имаат нешто да понудат.

Дел од медиумите веќе објавија дека на седницата на Централниот Одбор на СДСМ било најавено дека за програмата за следните избори СДСМ ќе ангажира италијанска фирма.

Една од посериозните забелешки на членовите на Централниот одбор било дека раководството најавило дека ќе оди на годишен одмор, а нема никаква програма за работа, ниту пак концепт и програма за избори, како ни план и кадри кој треба да го истуркаат предизборниот процес.

На Заев и раководството им било забележано дека не поднеле отчет за нискиот рејтинг во партијата и дека немаат план како тој рејтинг да се поправи, а приказните кои кружат во партијата дека некоја италијанска фирма ќе ја правела програмата на СДСМ биле оценети како аматеризам и губење време, бидејќи тоа е работа на партијата, а не на странска фирма.

Според аналитичарите,како што пишува „Курир“, тоа значи дека СДСМ повторно настапува популистички и главниот мотив ќе им биде да создадат привид дека наводно ќе имаат програма, а во суштина тоа ке биде парче хартија популистички обоено, без реална вредност и создржина и нема да биде базирана на реалните потреби на граѓаните.

За разлика од СДСМ, владејачката ВМРО-ДПМНЕ својата програма ја прави заедно со народот и неговите потреби. Наспроти ова, СДСМ со италијанска фирма од Милано ќе проценува што му фали на народот. Во ВМРО-ДПМНЕ цел тим на министри, заменици и директори ќе бидат на терен со народот за програмата, а СДСМ во Италија ќе мудрува за тоа што може да се понуди.

Имајќи го во предвид минатото на СДСМ, познавачите коментираат дека никој нема да им верува на програмата каква и да е, бидејќи 25 години ветуваа, но не исполнуваа. Како потврда за ова се и постапките на Заев од позиција на актуелен градоначалник на Струмица, каде не ја исполнува програмата во неговата опстина, што значи дека во СДСМ ништо не се сменило, ниту пак има намера да се смени.

Груевски: Народот знае се да стави на кантар и на изборите да го направи чекорот што треба да го направи

„Курир“ ја пренесува изјавата на премиерот Никола Груевски во интервјуто за Нетпрес, кој најави  дека по завршувањето на политичката криза, се враќа интензитетот со кој ќе се реализираат планираните проекти и реформи.

Во однос на изборите закажани за 24-ти април, Груевски во неколку наврати истакна дека очекува победа, а неговиот оптимизам го темели, како што рече, на довербата во народот дека знае да направи вистински избор.

-Ние држиме до дадениот збор. Ние имаме програма, којашто ја реализираме. Имавме и други власти во минатото. Ништо од ова го немаше. Народот памети. Народот следи. Народот расудува. Тоа не значи дека сме идеални, дека немаме одредени грешки, дека немаме слабости, пропусти, дека нешто неможело поинаку, подобро, побрзо, дека некаде сме направиле некоја погрешна проценка. За среќа немаме стратешки грешки, грешки што неможе да се исправат, но во основа, неспоредливо подобро работиме од она што го има прикажано СДСМ и од она што тие го нудат кога излегуваат на избори. Значи тоа е тоа, ние знаеме видовме дека овој народ знае да расудува, дека знае да направи проценка, дека може да издржи се’. Може да издржи разни негативни, деструктивни однесувања на некого, но кога ќе дојдат неговите пет минути, а тоа е денот на избори, знае да направи прецизна проценка кој може да ја води државата напред со најдобра брзина на движење напред, со најдобар интензитет на проекти, на решавање на проблеми, на намалување на невработеност, на отворање на нови работни места, на одржување на стабиност во државата, на одговор на некои безбедносни предизвици коишто повремено доаѓаат, ние сме држава во еден таков регион во којшто повремено неминовно се соочуваме со одредени безбедносни предизвици, на оние коишто прават максимум за земјата да се придвижи и да стане членка на НАТО и на Европската унија. Тоа народот знае се’ добро да си го стави на кантар и кога ќе дојдат изборите да го направи чекорот што треба да го направи. Така што смирен сум и спокоен затоа што знам дека имаме народ што знае да одбере подобра програма и подобар тим, и врз основа на минатите искуства кој како работел, но и врз основа на новата понуда што доаѓа, додава премиерот Груевски во интервјуто за Нетпрес.