СДСМ на референдумот само во десет града изгубил 30.000 гласови во однос на локалните избори во 2017 година. Излезноста на вчерашниот референдум на Велес, Штип, Гевгелија, Кавадарци, Прилеп, Струмица, Битола, Кочани, Крива Паланка и Охрид е помала отколку бројот на гласовите кои партијата на Зоран Заев ги освои на локалните избори.
Во Велес пред една година само за СДСМ гласале 15.962, вчера на гласање излегле 12.431 лица, во Прилеп 23.607 гласале за кандидатот на владеачката партија, вчера 20.451 излегле да гласаат за договорот од Преспа. Најдрастична разлика во расположението на граѓаните има во Битола- на локалните избори за актуелниот градоначалник гласале 31.337 битолчани, а вчера на референдумот гласале 24.852 лица, како и во Охрид каде СДСМ лани освоил 18.262 гласа, а вчера „ЗА“ заокружиле 14.401 охриѓанец.
Кај албанското гласачко тело одзивот е генерално понизок отколку на локалните избори, но Сарај и Липково се општините каде одзивот е поголем во споредба со претходното гласање, иако гласовите се зголемуваа во последните два часа од гласањето.
Во Сарај лани албанските партии имале вкупно 16.508 гласа, а вчера таму гласаа 21.208 граѓани. Особено интересно е што според податоците од ДИК, на избирачкото место 2458/1 од 13 до 15 часот гласале 307 лица, или гласачите пуштале ливче во гласачката кутија на секои 23,5 секунди, како и на избирачкото место 2450 каде во периодот од 11 до 13 часот гласале 334 лица или по еден човек на секои 21,5 секунди. На двете места излезноста била над 90 отсто.
И во Липково вчера гласале 15.275 граѓани, или 3.817 повеќе гласа отколку што освоиле албанските партии на локалните избори пред една година.
Во Тетово, пак, „ЗА“ гласале 33.257 лица, додека лани само албанските парии освоиле 31.477 гласа.