![sdsm1](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/12/sdsm1-1.jpg?resize=640%2C425&ssl=1)
Владејачката СДСМ се уште конкретна одлука дали треба да се прифати предизвикот од лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски и напролет заедно со претседателските избори да се организираат и предвремени парламентарни избори.
Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев вели прашањето е сериозно и има многу аргументи „за“ и „против“ и најавува сериозна дебата за ова внатре во партијата.
„Мојот личен став е дека Македонија треба да истера еден цел мандат бидејќи луѓето се изморени од честите избори. Но, јас сум само еден човек … јас имам разноликост и во мојата партија, гледате дел од министрите, дел од функционери се со различни мислења. И во петок ќе отвориме дебата, не знам дали ќе донесеме заклучок, но ќе ги почнеме процесите“, изјави Заев во синоќешното интервју за Алсат М телевизија.
Сепак Заев додава дека барањето од Мицковски за избори доаѓа во критичен момент односно веднаш по изгласувањето на уставните измени со кои се промени името на државата. Премиерот смета дека после вака клучни одлуки треба да се оди на избори и да се слушне и гласот на граѓаните.
Заев ги отфрла информациите дека е под притисок од членовите на партијата да прифати избори бидејќи сметаат дека ако се одржуваат само претседателските избори нема да бидат избрани доколку не се стави во функција целата партиска машинерија.
„Аргументите држат и на двете страни. Едните викаат: шефе, дај да обезбедиме уште 4 години, за да покажаме дека не бива, две години се малку, сега кога донесовме крупни политички одлуки. Јас велам ќе добиете може шест години. Да ги завршиме уште овие две, па ако сме добри граѓаните ќе ни дадат нови четири. Ако не сме, ќе дојде некој со подобра понуда од нас, па тоа е добро за нашата Македонија. Сите знаеме дека кога некој ќе се заглави во премиерското столче со децении, повеќе од 10 години, тоа не е добро. Демократија, власта треба да се менува, посебно ако не испорачува резултати“, рече Заев.
Но, според неофицијални информации, Заев се соочува и со несогласување од претставниците на меѓународната заедница да се оди на нови избори. Странците сметаат дека Владата во овој момент треба да се посвети на спроведување на реформите.
Предвремени избори како алиби за не добивање датум за преговори
Покрај причините кои ги наведува Заев, неофицијално се говори дека еден од мотивите СДСМ да одлучи да оди на избори е тоа што од Брисел се погласни стануваат најавите дека Македонија во јуни нема да добие датум за преговори пред се’ поради неисполнување на реформската агенда која што ја постави Европската Унија. Според нашите информации, предвремените избори во тој случај Заев би ги искористил како алиби за неостварување на планот за реформи и остварување на реален напредок во областите на судството, јавната администрација и безбедноста.
Покрај ова, информациите од партиите говорат дека според истражувањето на јавното мислење, Заев и СДСМ немаат сигурна победа на евентуалните предвремени избори бидејќи разликата со опозициската ВМРО ДПМНЕ е речиси минимална.
Ако оди на избори, Заев треба да се повлече од премиерската функција
Доколку СДСМ се решат да одат на избори по таквата одлука ќе треба да одлучат и кој ќе седне во премиерската фотелја наместо Заев.
По Договорот од Пржино, Изборниот законик предвидува формирање на техничка влада 100 дена пред одржување на избори и повлекување на премиерот од функцијата.
Како најверојатни „наследици“ на Заев се споменуваат пред се’ Оливер Спасовски и Радмила Шекеринска, но не се отфрла и можноста тоа да биде Дамјан Манчевски.
Евентуалните предвремени избори би се одржале на 5-ти мај во исто време со вториот круг од претседателските избори.