СДСМ: Секој ден спорт во училиштата!

Интегрален текст од соопштението на СДСМ: 

Ќе создаваме здрав живот за децата со тоа што ќе им овозможиме секој ден да спортуваат одреден спорт по своја желба. Ова ќе придонесе за поздрав начин на живот на учениците како и подигнување на свеста за придобивките од спортувањето.
Во првите шест месеци од новата влада ќе започнеме со проект „Секој ден спорт”, со кој ќе се воведе можност секој ден да имаат спортска активност учениците во основните и средните училишта.

Ќе го вратиме спортот во училиштата со креирање спортски систем со кој ќе се започне со натпревари и активности, од класните и меѓукласни натпревари во училиштата, завршувајќи со национален систем на натпревари, со учество на училишни победници и репрезентации од секоја општина во сите степени на образованието.

Со поставување вистински модел на училишен спорт, ќе го зголемиме бројот на ученици кои спортуваат од сегашните 5.000 на 50.000 ученици во основното и во средното образование.

На овој начин родителите ќе бидат ослободени од трошоците кои мораа да ги плаќаат за дополнителни спортски активности на своите деца. Учениците нема да го трошат своето слободно време по часовите, бидејќи секојдневно ќе спортуваат во своите училишта.

Секое дете има право да го спортува спортот што го сака, а државата е должна да го овозможи тоа право подеднакво на сите деца!

Затоа е потребна нова и одговорна Влада според мнозинската волја на граѓаните која ќе води реални политики во служба и интерес на граѓаните.