Прирачникот на СДСМ за теренската кампања која ја најавува партијата, аналитичарите го оценија како неискрен обид на партијата за залажување на народот и креирање на погрешна слика, објавува порталот „Курир“.
Од содржината која беше објавена во јавноста може да се види дека целта на прирачникот е креирање на имиџ на партијата на работливост, проактивност и организираност, или се она што СДСМ всушност не е во моментот и се она што како критика се упатува до раководството дека и недостасува.
-По долгото топло лето и во екот на доцната есен раководството на СДСМ конечно се појави со новата епизода на трагикомичниот Монтипајтон, овој пат наречен мошне симболично како „Прирачник за комуникација со сопствените граѓани“. Овој нов серијал во режија на најголемата опозициска партија во Република Македонија, претставува вистински израз за суштинското поимање на политичката активност и за менталната матрица која ги одразува некреативните и крајно декадентни постапки на еродираното социјалдемократско ткиво, смета Доц. д-р Иванка Додовска.
Според Додовска, познато е дека насекаде во светот и научно и во практика политичкиот маркетинг е една од најсилните алатки на политичките партии за себепромоција и за зголемување на симпатиите помеѓу електоратот и од таа причина смета дека или некој сериозно се пошегувал со СДСМ кога им го поттурил овој т.н. „прирачник“ за комуникација или таму работите се отидени до таа мера во ќорсокак што никој сериозно и не се замислил над оваа крајно навредлива и некреативна промотивна алатка.
Иако уште пред два месеци СДСМ најави теренска активност на 5 илјади тимови, досега ниту еден тим не може да се забележи на терен. Дури и самите нивни функционери запрашани кои места досега ги посетиле, не можеа да дадат конкретен одговор.
Од друга страна, ваквите лаги може да се забележат и во самиот прирачник. Имено, таму пишува дека активноста од врата на врата ќе започне уште на 01 октомври 2014, денес се поминати 28 дена а СДСМ се уште не е на терен и единствено што остана да лебди е прирачникот каде само на зборови, не и со дела СДСМ е работлива, организирана и проактивна.
-Овој феномен кој веќе долго време ја опседнува македонската левица има и една друга крајност, која според мене е уште помалигна и од гестот со креирањето на параинституциите и со одлуката за дерогирањето на легалните институции на системот. Истата се состои во поимањето кое го имаат СДСМ за тоа на кое ниво е свеста и културата на македонските граѓани и за тоа колку цивилизациски го урнисале обичниот македонски граѓанин, за кој сметаат дека е до толку недоветен и прост, па мораат да употребуваат манипулации и шеми за да го „заведат“. Овој потценувачки и крајно неиздржан став кој го имаат СДСМ кон сопствените граѓаните и нивното реално отсуство од политичкиот живот во Македонија како сериозна опозициска партија е само уште еден репер за тоа зошто и по толку време тие не можат да се вратат на власт, вели Додовска за КУРИР.
Уште една од болдираните поенти во прирачникот на СДСМ е насоката активистите кои ќе излезат на терен да бараат граѓаните кои ќе ги посетат да станат нивни членови. Така СДСМ ќе покаже дека се засилува и омасовува. Така да граѓаните кои ќе ги посетат тимовите на СДСМ треба да бидат подготвени дека ќе биде побарано да станат и членови на партијата.
За аналитичарите, СДСМ повеќе троши време на формата отколку на суштината. Јалови се обидите да се троши време на шминка, прирачници, без суштински и реални промени. Згора на тоа, СДСМ со ваквите прирачници продолжува да создава одбојност и да се двои од граѓаните. Најавите за проективност без реална активност на терен се уште еден минус за партијата, децидна е експертската јавност.