![sdsm-sediste-stab](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/06/sdsm-sediste-stab.jpg?resize=696%2C446&ssl=1)
Сите одговори на прашањата околу вчерашните настани во Скопје и Тетово, ДПМНЕ нека си ги побара од Христијан Мицкоски. Вака возвратија од владејачкиот СДСМ на обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за тоа дека ДУИ и СДСМ ги смениле имињата на улиците во 2021 година во Советот на Град Скопје, па вчера во Чаир беше преименувана улицата „Втора македонска ударна бригада“ со името на косовскиот борец Адем Демачи во присуство на косовскиот премиер Албин Курти.
„Токму Христијан Мицкоски треба да излезе пред јавноста и да одговори. Неформалните коалициски партнери на Мицкоски и ДПМНЕ се организатори на настаните во Скопје и Тетово. Касами стана градоначалник со поддршката и гласовите на ДПМНЕ, а нивната заедничка соработка продолжува и во Советот, во Собранието, но и за други теми. Заедно со Мицкоски се здружија да прават ново парламентарно мнозинство и нова влада, кое не им успеа“, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека Мицкоски го предлагал Африм Гаши за нов мандатар на Владата и сметаат дека ако ВМРО-ДПМНЕ е згрозена од неговото дејствување, треба да му се обрати директно.
„Како партијата наследник на соработникот на фашизмот Ванчо Михајлов, ДПМНЕ нема кредибилитет да зборува ниту за историјата ниту за сегашноста, а најмалку за иднината на државата. ДПМНЕ само сака да го пљачкаат народот, како што тоа го правеа цели 11 години, кога заради богатење на функционерите од Белата палата, спроведоа грабеж и цел културен инженеринг“, велат од партијата.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ реагираа за вчерашното преименување на улицата „Втора македонска бригада“ во „Адем Демачи“ во Општина Чаир зашто сметаат дека Демачи нема никаква поврзаност со македонската историја.
„Без никаква дебата, без консултација на граѓаните пред 2 години во советот на градот Скопје насилнички беа преименети скоро 500 улици и мостови и други објекти во главниот град. Дали неспособните од власта на СДС знаат чив главен град е Скопје, дали на Македонија или на некоја друга држава?“ прашаа од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, косовскиот премиер Албин Курти вчера беше во неофицијална посета на земјава и ги посети општините Тетово и Чаир. Во Чаир присуствуваше на преименување на улицата, а во Тетово имаше целодневни активности во негова чест. Покрај градоначалникот Биљал Касами, присуствуваа и претседателот на Демократско движење – Изет Меџити и лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.