![sdsm1](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2018/12/sdsm1-1.jpg?resize=640%2C425&ssl=1)
Владејачката партија и две недели по барањето на лидерот на опозицијата, Христијан Мицковски за предвремени парламентарни избори заедно со претседателските напролет остануваат без конкретна одлука.
Мицкоски во синоќешното интервју на МТВ посочи дека меѓу причините зошто се бараат овие предвремени избори се и сериозните сомневања дека власта ќе се обиде на претседателските избори, доколку не се одржуваат и парламентарни, да направи изборни злоупотреби. Затоа, вели Мицковски, барање предвремени избори и формирање на техничка влада со која што опозицијата би имала поголема контрола над функционирањето на државниот апарат во текот на предизборјето, но и на самиот ден на одржување на изборите.
Причините на власта зошто одлуката за вонредни избори се одолговлекува остануваат не јасни. Сметаат ли во СДСМ дека немаат доволна поддршка од граѓаните, не се подготвени за изборно соочување со опозицијата или пак не се чувствуваат комфорни во Владата сега да ги примат и ВМРО ДПМНЕ согласно Пржинскиот договор? Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели не станува збор дали се подготвени или не, туку прашање се разгледува од други аспекти.
Внатрепартиската дебата за предвремени избори, вели Спасовски, е во тек, а најавува и консултации со коалициските партнери.
„Не е во прашање подготвеноста на партиите дали да се оди на предвремени парламентрани избори или не. Ако е така, веднаш треба да се оди на сите избори, туку во прашање се многу аспекти што ќе значат вистинска одлука која ќе одговара на моментот во кој се наоѓаме. Очекувам дека скоро ќе имаме и таква одлука, но таа нема да биде во зависност од реформите, ниту реформите ќе зависат од таа одлука, мора да одат со несмалено темпо, истакна Спасовски.
СДСМ минатиот петок одржа Центарлен одбор на којшто една од темите беше токму предвремени избори, но највиското партиско тело не донесе одлука.
Во ДУИ горат од желба за избори
Интегративците на Али Ахмети се уште на ставот дека иако ДУИ „врие од желба“ да се оди на избори уште утре, сепак ценат дека за доброто на државата не треба да се одржат предвремени парламентарни избори.
„Ние што ги следиме приликите во Брисел, ги имаме средбите со меѓународните претставници и сметаме дека приоритет треба да има овој процес што го почнавме, а треба да го завршиме и да го капитализираме со почеток на преговорите. Мојот личен став е дека избори пред првата меѓувладина конференција со ЕУ го компромитира процесот, но, сепак, ако опозицијата наметне ситуација во која можните блокади на системот би биле потешки и со поголеми последици отколку предвремни парламентарни избори, ќе треба да се стави на вага што е полошо за државата. Начелно, како адвокат на европската агенда на државата, сетам дека треба да има фокус на реформите, иако партискиот интерес покажуваа интерес за избори“, нагласи Османи
Странците против предвремени избори
Директорот на Директоратот за проширување, Кристијан Даниелсон кој денеска ја завршува дводневната посета порача дека и власта и опозицијата треба да се фокусираат на спроведување на реформската агенда и дека не е време за предвремени избори.
„Позитивниот моментум што е создаден по потпишувањето на Преспанскиот договор треба се одржи и сочува. Фокусот треба да насочи на реформите во пресрет на јуни кога Советот на ЕУ ќе одлучува за отворање на пристапните преговори. Предвремените избори ќе го одземат тој фокус и потребната енергија“, вели Даниелсон.