СДСМ условува за Резолуцијата: Мора да пишува „Северна Македонија“, не може Собранието да одлучува спротивно на Уставот

Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвените линии во преговорите со Бугарија и покрај првичната најава дека е прифатлива и за владејачките СДСМ и ДУИ, сепак нема да ја добие поддршката од партијата на Зоран Заев во Собранието ако таа не биде преформулирана со уставното име Република Северна Македонија, вели за Плусинфо висок функционер од Владата.

Ова ќе значи дека Резолуцијата ќе ја нема поддршката од власта, а со тоа веројатно и обврската како што е наведено во документот – Владата и надлежните органи задолжени за надворешната политика и евроинтеграциите да постапат во рамките на позициите утврдени со оваа Резолуција.

„Мора уставното име да биде Република Северна Македонија. Не може парламентот спротивно на Уставот да одлучува. Ако нема измена, зарем треба против Уставот да гласаме?“, вели функционерот за Плусинфо.

Очекувањето на СДСМ е ВМРО-ДПМНЕ да ја направи измената во делот од документот каде се наведува врз основа на што се доставува Резолуцијата, а тоа е во првата реченица која гласи „Врз основа на член 68 став 2 од Уставот, како и врз основа на член 184 од Деловникот на Собранието на Република Македонија“, односно да пишува „Собранието на Република Северна Македонија“.

И премиерот викендов изјави дека Резолуцијата е прифатлива, но, додаде дека во документот треба да се вметне новото уставно име на државата и да се утврдат неколку формалности.

Од ВМРО-ДПМНЕ ваквите најави од власта ги толкуваат како игри и ретерирање од првичната бланко поддршка за документот, бидејќи како што велат, СДСМ самиот излезе со став дека ќе ја прифати Резолуцијата таква каква што е.

„Во Резолуцијата никаде не се споменува името на државата, освен во воведот каде се презентирани документи донесени кога државата го немаше сменето името, односно документот за „Резултатот од референдумот во Република Македонија“ одржан на 8 септември 1991 година и „Декларацијата за развој на односите на Република Македонија со Европската Унија“, усвоен од Собранието на 4 февруари 1998 година. Документот го доставивме до Собранието на Република С. Македонија. Така функционира веќе три години и немаше проблем“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Засега нема најава за средба меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ за Резолуцијата. Од партијата на Христијан Мицкоски велат дека не се сретнале со СДСМ бидејќи владејачката партија веќе се изјаснила дека ќе ја поддржи Резолуцијата. Од таму велат дека СДСМ треба јасно да каже каде треба нешто да се смени.

Претходно пратеници на ВМРО-ДПМНЕ остварија средби со Демократски Сојуз, ДОМ, ЛДП, ДУИ и Алијанса за Албанците. Од ДС, ДОМ и ЛДП има начелна согласност дека ќе ја поддржат резолуцијата. ДУИ иако првично најави дека се потребни измени, потоа излезе со став дека ништо не им пречи во документот и дека ќе го поддржат.

Останува да се изјасни коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Од таму изјавија дека очекуваат да ги слушнат сите аргументи на партиите во Собрание каде потоа ќе ги соопштат и нивните ставови по ова прашање.

„Дискусијата за вакви теми не може да се одвива преку прес-конференции во седиштата на партиите, туку, потребна е вистинска дебата во највисоката законодавна институција во земјата. Да ги слушнеме сите детали, аргументите на партиите во Собранието и таму ќе ги соопштиме нашите аргументи и ставови“, велат од АА-А.