СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ ја кочи гасификацијата

Со Законот за решавање на спорот помеѓу  Владата и АД „Макпетрол“ се надминува наследен проблем, настанат во друго време, сѐ со цел да не се развие гасоводниот систем и да бидеме „заробеници“ само на една гасна врска и монопол, одговори СДСМ на обвинувањата на Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ.

– Решаваме децениски спор со кој ќе се либерализира во потполност пазарот. По 32 милиони евра поседуваат „Макпетрол“ и Владата во АД „ГА-МА“, кое управува со системот за пренос на природен гас. Со Предлог-законот за решавање на спорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и „Макпетрол“ АД Скопје, со препораки на Арбитража на Енергетска заедница на ЕУ, по пат на спогодба се утврдува дека „Макпетрол“ својот дел од 32 милиони евра ќе ѝ го продаде на Владата. Со Законот се уредува решавањето на спорот, се решаваат несогласувањата помеѓу страните и тој води кон целосно окончување на постапките кои произлегле од ваквиот спор и дава можност за надминување на несогласувањата и завршување на сите започнати постапки. Во спротивно, спорот ќе заглавеше во судските лавиринти и ќе се кочеше гасификацијата, што можеби е и целта на ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата – одговара СДСМ.

Оттаму нагласуваат дека за граѓаните и за државата е од особено значење да се задржи сопственоста врз преносниот систем со природен гас и токму поради тоа во член 110 од Законот за енергетика е пропишано дека сопственик на операторот на пренос со природен гас е Министерството за економија.

– Оваа влада сака да ги решава тешките проблеми без разлика дали со тоа ќе ѝ овозможи на опозицијата да критизира и да биде предмет на манипулација и интереси од други фактори надвор од републиката. Со овој закон се исполнуваат и ЕУ директивите. Затоа Северна Македонија според Енергетската заедница е прогласена за лидер во реформите во енергетиката. Самиот факт што ВМРО-ДПМНЕ не поднесе ниту еден амандман по овој закон, а поднесе илјадници за Деловникот, стотици за Законот за здравствена заштита, Законот за внатрешни работи, е доволен доказ дека оваа партија нема ништо против решавање на спорот, ама има против забрзувањето на процесот на гасификација на државата – се додава во реакцијата од СДСМ.